На 7 декември 1849 весникот „Ослободителот“ (The Liberator) пишувал за тоа дали Калифорнија треба да стане држава, за статусот на суфражетките и за Меѓународните мировни преговори во Париз. Но повеќето читатели го купиле весникот за да прочитаат за нешто друго - случајот на исчезнатиот доктор.
Неколку дена претходно, на 23 ноември, доктор Џорџ Паркман го напуштил својот дом за да пазари. Бил позната фигура на улиците на Бостон, висок и слаб, речиси аскет, со испакната вилица и црн цилиндар. Иако не изгледал така, бил многу богат - во тоа време вредел половина милион долари, еквивалент на денешни над 10 милиони. Во блиската пиљара купил главица зелка, ја оставил торбата со ветување дека ќе се врати по неа, и потоа влегол во Медицинскиот факултет на Харвард. Никој не го видел после тоа. Градот бил облепен со постери, и била нудена награда од 3000 долари за каква и да е информација. Најпрвин се мислело дека тој станал жртва на улична банда, со оглед на тоа што знаел пешки да ги обиколува своите кираџии, собирајќи ја киријата.
Но една недела подоцна делови од неговото тело биле откриени во просторијата за дисекција која ја користеле студентите по медицина и на лабораторијата на друг виден член на медицинската и локалната заедница, доктор Џон Вебстер. Пронаоѓачот бил Ефраим Литлфилд, чистач на факултетот кој живеел во близина. Вебстер станал главен осомничен со оглед на тоа што признал дека се видел со Паркман на денот на неговото исчезнување, а ги имал и сите потребни инструменти за извршување на делото. Капак на сè било што се открило дека имал големи финансиски проблеми и дека на Паркман му должел многу пари.
Судењето кое следело било меѓународна сензација. Тоа било меѓу првите кое користело форензички докази за идентификување на телото. За помалку од една година Вебстер бил обвинет и осуден за убиството на неговиот поранешен соученик и сограѓанин, на смртна казна со бесење. Судницата постојано била преполна, па морало да се продаваат билети за оние кои сакале да присуствуваат како публика.
Самиот случај бил скандалозен, особено затоа што вклучувал членови на високото општество. Но тој послужил за разоткривање и на некои други „валканици“, меѓу кои и фактот дека медицинскиот факултет на Харвард незаконски откупувал трупови на неодамна починати, за да имаат студентите на што да вежбаат. Кулминацијата се случила кога деканот одбил да купи тело на жена по име Сара Фурбер, која не само очигледна била еднаш закопана па откопана, туку и умрела од нелегален абортус. Вебстер веројатно мислел дека и телото на неговиот колега ќе помине незабележано помеѓу кутрите сиромаси кои завршувале на масите за дисекција, но неговата проценка се покажала како погрешна.
Паркман и Вебстер биле во иста група на студии, но Вебстер фатил малку поинаков пат, со тоа што почнал приватна пракса пред да стане професор по хемија на истиот факултет. Бил познат по експерименти со пиротехника, кои се заканувале да ја запалат зградата. Најголем доказ за неговата вина било неговото однесување откако бил уапсен - се обидел да се самоубие труејќи се со стрихнин, но ја промашил дозата. На крај, откако смртната казна веќе била прогласена, го признал делото.