
Божик во западниот свет (иако веќе и не е сосема јасно кај е запад, а каде исток во смисла на глобализирани празници) визуелно е голема стоковна куќа со светкави сијалички и звуците на Мараја Кери или ѕин-ѕин инструменталки од звучници, кои така ечат од октомври до јануари.
Ова не е баш замислата зад одбележувањето на голем христијански празник - раѓањето на Исус. И денес има противници на комерцијализација на празникот, но такви имало и пред неколку векови. Во 1659 судот во Масачусетс го забранил прославувањето на Божик и го прогласил за богохулие. Тоа подразбирало забрана на размената на подароци и честитки, земањето слободен ден, облекувањето во посебна, свечена облека и други „сатански практики“. Отстапувањето од ова правило било казниво со 5 шилинзи (тогаш веројатно не мала сума).
За целосно да се разбере како дошло до ова треба да се земе предвид поширокиот контекст - кој ги населувал новите колонии во тој историски период во северна Америка. Нова Англија била земја на аџии-пуританци, кои отфрлени од Англиканската црква поради своите убедувања го преминале Атлантикот за тука да можат непречено да формираат свои заедници. Ова подразбирало отфрлање на голем број церемонии и празници кои се славеле во Англија, па и на Божик, кој за овие христијани бил пагански празник.
Оние кои сепак го славеле тоа го правеле раскалашно, со многу пиење па и со насилно однесување. Ова особено важело за „коледарите“ кои одејќи од куќа до куќа станувале агресивни ако домаќините не сакале да им дадат ништо и ги вандализирале домовите. Токму ваквите немили настани довеле и до спомнатата забрана, која траела цели 22 години.
Божик денес се протега на неколку недели кои водат до 25 декември, и како таков е станат бренд сам по себе. Можеби нема веќе казни од пет шилинзи, но пари, вака или онака, сепак се трошат.