Jукичи Фукузава бил писател, учител, преведувач, новинар, основач на весник, универзитет и институт за проучување на заразни болести. Се смета за еден од најзаслужните за формирањето на модерна Јапонија, поради своите идеи за реформи на државата, која до средината на 19 век била во строга изолација од останатиот свет, наметната од феудалната воена влада на шогунатот Токугава.
Еден од ретките контакти со европското знаење се случувало преку холандската енклава Деџима, португалско а потоа холандско трговско пристаниште во Нагасаки, еден вид вештачки остров изграден во 17 век, а одделен од јапонското копно со канал и тесен полуостров. Ова долго време било единственото место за директна трговија и размена помеѓу Јапонија и надворешниот свет.
Како резултат на тој контакт се формирало „рангаку“ (холандско или западно учење). Европски учени им пренесувале на Јапонците знаења за западната технологија и медицина, што довело и до последователно отварање на Јапонија кон светот, како и создавање пристаништа за американски и европски бродови на територија на самата држава.
Фукузава бил еден од оние кои учеле најпрвин холандски а потоа, од американските трговци и морнари, и англиски. Кога во 1859 била испратена првата дипломатска мисија во САД и Европа, тој се пријавил како доброволец. Бидејќи познавачите на странски јазици биле ретки, веднаш бил ангажиран. Тој и делегацијата поминале еден месец во Сан Франциско во 1860, а потоа го објавил и првиот англиско-јапонски речник и тоа практично преведувајќи постоечки англиско-кинески речник кој го купил во Америка.
За новите генерации да стекнат претстава за она што постои вон границите на Јапонија напишал и книга за деца која наскоро стана официјален учебник. Во неа тој преку стихови се обидел да ја претстави светската географија. Подоцна напишал уште неколку дела, меѓу кои и својата автобиографија. Во неа ги опишува своите патувања како дел од 40-члената јапонска делегација која била прва што официјално ги посетила Париз, Лондон, Амстердам и Москва.
Во долното видео, кое содржи извадоци од неговите спомени, тој ги опишува фарсичните културни недоразбирања, тензичните моменти на геополитичката дипломатија, впечатоците од хотелите во Франција и преговорите во Русија во врска со спорниот остров Сахалин. Но има тука и поинтимни детали, за паричниот надоместок (дневниците) за патот што било дотогаш невидена сума за некој од ниските самурајски слоеви каков што бил Фукузава, гласините што ги ширеле оние кои биле против отварањето на Јапонија кон светот и кои го прогласиле за мртов, како и возбудата што ја предизвикувала појавата на 40 самураи во целосна традиционална облека, сосе мечевите, на улиците на европските градови. Делегацијата не можела да се изначуди на тоа што постојат хотели каде можат да се сместат стотици луѓе, сфатиле дека залудно м’кнеле ориз и хартиени ламби од татковината, а биле и во искушение дали да применуваат формални обичаи (хинт: понискиот службеник да му го држи мечот на надредениот и буквално да му свети додека овој е во ВЦ) додека се на туѓа територија.
Автобиографијата е преведена на англиски во 1943 и е навистина интересен историски но и личен поглед на културните вредности на две толку различни култури, кои и сега, во ерата на глобализацијата, се уште тешко се разбираат.