Кое е потеклото на англискиот идиом „рејн чек“?

Кога љубезно се одбива или се одложува некаква понуда, во англискиот буквално се вели дека се зема „чек во случај на дожд“. Иако звучи како некаква метафора, изразот всушност имал прилично буквално значење.

Според Оксфордскиот речник на англискиот јазик, „рејн чек“, во моментот кога се појавил, го означувал токму тоа - парче хартија кое гарантирало дека доколку врне, услугата се одложува. Во 1880-тите, управата на стадионите кадешто се играле бејзбол натпревари морале да обезбедат систем според кој гледачите кои платиле билети во случај на дожд и одложување на играта би можеле да ги искористат истите во друг термин.  

Така почнале да се издаваат „билети во случај на дожд“, кои всушност биле гаранција на гледачите дека парите и билетите нема да им пропаднат во случај на одложување на натпреварот. Но најпрвин системот создавал забуни. На 3 јуни 1887, колумнист во весникот Детроит фри прес, ја опишал следнава ситуација:

„Вчера, кога се отворија портите, крај нив стоеа луѓе со билети во случај на дожд во рака, делејќи ги на сите што влегуваа. Некои од гледачите, мислејќи дека станува збор за флаери што рекламираат лекови, одбија да ги земат. Но кога слушнаа дека натпреварот се одложува, и дека „флаерите“ се всушност нешто друго, настана голема гужва.“ Работата дошла до таму што морала да интервенира и полицијата.

Потоа системот веќе бил јасен иако не без нуспојави - се појавиле „тапкароши“ кои можеби во соработка со дистрибутерите трупале повеќе „дождовни“ билети, а потоа ги продавале по цена пониска од официјалната. 

Не е сосема јасно кога „рејн чек“ почнало да се применува и за лични нешта, како одбивање некаква покана и нејзино одложување на неодредено време. Спомнатиот Оксфордски речник ја датира првата ваква употреба во 1950-та. Во македонскиот изразот не функционира, но можеби би требало да го адаптираме, ако ништо друго како начин некого љубезно да откачиш, „за некогаш“.

извор

19 април 2024 - 11:53