Кога ликовите не се измислени

Книжевни одмазди на славните

Секогаш ни биле сомнителни изјавите на некои наши автори дека сите личности во нивните романи се измислени, и дека секоја сличност со постоечки места, настани и ликови е случајна. А ти си бил присутен на настанот, го знаеш човекот, и сфаќаш што е пораката - слатка одмазда.

Уметноста ја има таа добра страна, да можеш одредени луѓе кои длабоко ги сакаш или презираш да ги претвориш во книжевни „субјекти" и во тој замислен свет да им правиш што сакаш. И зошто потоа таа предност да не ја искористиш, за твој ќеф? Писател си, ти се може бе!

Еве неколку примери на познати писатели кои си ги искористиле сопствените книги како одмазда кон нивните брачни и други партнери, на тој начин одбегнувајќи ги трошоците за психијатриски третмани. Ем терапија, ем очигледна порака до оние кои ќе се препознаат, ем на крај добри книги. Ги гледаме како додека ги пишувале потајно се смешкале, замислувајќи ги ликовите на оние кои ги читаат - нивните бивши жени и љубовници - додека во книгата некој ги убива, фрлајќи ги низ прозорец.

Норман Мејлер

Мејлер и лејди Џин Кембел, неговата трета жена, имале краток брак. Толку многу се карале што кружел виц дека тие можат да искршат сè во просторијата побргу од кој било друг во Њујорк. Британската аристократка издржала една година, а потоа побарала развод. Мејлер пак не ѝ останал должен - симболички ја убил во „Американски сон" - мрачна урбана фантазија, каде главниот јунак си ја дави жената, ја фрла низ прозорецот и потоа ја силува слугинката. Мизогинистичката приказна, која Кембел потоа ја нарекла „најхејт книгата на сите времиња" му го зацементирала местото на Мејлер како народен непријател број еден на феминистките од негово време (со ваков став ко на сликава горе, и со толкави уши, не е ни чудо).

Ернест Хемингвеј

Неговата комплицирана врска со воената репортерка Марта Гелхорн, која исто така не била цвеќе за мирисање, завршила така што таа го напуштила - нешто што до тогаш не му се случило, дури ни со неговите претходни три жени. Една деценија подоцна, иако повторно се оженил, не издржал да не ја спомне во „Преку реката и низ шумата". „Таа имаше поголеми амбиции од Наполеон но талент колку просечна средношколка - одликаш" - напишал тој за ликот која е очигледно Марта, а за која во книгата посакал да може да ја обеси на некое од спомнатите шумски дрвја. Коментарите низ целата книга во врска со овој лик биле толку отровни што неговиот издавач стравувал од судски спор.

Симон де Бовоар

Никогаш не сакала да се мажи затоа што сметала дека тоа ѝ ја загушува слободата. Но тоа не значи дека самата не била посесивна. Кога нејзината голема љубов, Жан-Пол Сартр, почнал да ѝ се пушта на една од нејзините сопствени љубовници, младата студентка Олга Косакиевич, Симон збеснала. Во нејзината книга „Таа дојде за да остане" од 1943 таа студено ја убива двојничката на Олга. За иронијата да биде поголема, токму нејзе ѝ ја посветува книгата.

Лорд Бајрон

Кога лејди Бајрон сфатила дека нејзиниот маж сака други мажи, но и неговата сопствена полу-сестра, таа одлучила да го напушти. Но пред да избега од куќата со нивната ќерка, таа составила список на бизарните однесувања на Бајрон и го дставила до нејзините адвокати, кои требало да докажат дека Бајрон откачил. Тој ѝ вратил со сатиричната песна Дон Жуан, во која ја опишува жена си како „доблесно чудовиште" кое „повикало аптекари и лекари/за да докажат дека нејзиниот сакан господар е луд".

Луис Колет

Откако два пати ѝ го скршил срцето, Гистав Флобер тоа го сторил и трет пат, кога таа се препознала во неговиот најпознат роман Мадам Бовари. Интимните детали од нивната врска оделе до таму што сочно бил опишан и нивниот прв секс во кочија. Излегло дека и таа, исто како и Бовари, ги користи мажите за напредување во општеството. Иако еднаш таа му се нафрлила на новинар кој сакал да ја оцрни со нож, сега го одбрала перото. Го напишала бестселерот, полу-автобиографската книга „Тој", во кој Флобер е опишан како..кретен.

Извор: Ментал Флос

17 јануари 2014 - 10:21