И во Британија читателите мака мачат со купување книги од втора рака (ваквите продавници се затворени) или со позајмување физички примероци од библиотека. Но Мили Џинет одлучила дека oтсуството од работното место во рекламна агенција ќе го искористи за да ја пополни оваа празнина - со носење книги до врата на оние кои тоа ќе го побараат од неа.
Преку Фејсбук групата којашто ја формирала, South London Book Swap, таа собира донации од праговите на донаторите, ги става на список и ги фотографира категоризирајќи ги по жанр. Книгата потоа се доделува на оној кој прв ќе пише дека ја сака. Таа ја дезинфицира а по желба на „добитникот“ или му ја носи до дома, или ја остава да биде собрана од кутија пред нејзината куќа која ја направил нејзиниот дечко.
Во моментов на нејзиниот список има 378 (!) луѓе од јужен Лондон кои би сакале да добијат или да донираат книги. Проблем на Мили е само што ќе прави откако ќе почне со работа, а една од опциите е да разнесува книги само за викенд.
Таа е презадоволна со своето новопронајдено хоби, и вели дека освен што запознала интересни луѓе (што преку интернет, што на социјална дистанца), си добила и убави подароци - домашни колачи и ваучери за вино. А има и интересна приказна за една достава - жената која ја чекала на автобуска воопшто не излегла од автобусот туку само ѝ ги грабнала книгите од рака, на вчудоневидување на возачот и останатите патници.