Во текст во „Популар сајeнс“ од 1883, доктор Феликс Освалд ги фалел предностите на природните лекови, пишувајќи за студени тушеви пред вечера и отварање на прозорците навечер во секое годишно време додека се спие. Меѓу другото, тој на сите книговодители, службеници, уредници и писатели им препорачува не-седење додека се работи. „Професиите врзани со пишување не мора да вклучуваат седечки навики. Треба да се земе предвид стоечката работна маса, а би преферирал дури и турски таблет за пишување поставен на тепих на кој би се клечело“.
Ова со таблетот после испадна малку поинаку, и пак седечки, ама повеќе од еден век подоцна стоечките работни маси се во тренд. Тие го менуваат изгледот на корпоративна Америка, како и работните простории на илјадници писатели низ земјата. Фејсбук наводно има околу 350 стоечки работни маси, а вратотените секоја недела нарачуваат по уште десетина. Еден од производителите на ваков мебел, Стилкејс, почнал да продава работни маси со прилагодлива висина во 2004. Од тогаш продажбата пораснала за пет пати, а меѓу клиентите се Епл, Боинг и Гугл.
Писателите и новинарите пак се снаоѓаат и на други начини: прават кули од книги на кои ги поставуваат лаптопите, или пак на обичните работни маси поставуваат дополнителни подлоги за да можат да пишуваат стоечки. Тие тврдат дека стоечкото пишување им помага да се концентрираат, да си ги исправат вратот и кичмите, и подобро да спијат.
Медицински е потврдено дека здравствените ризици од долго седење се големи. Пoсле еден час седење производството на ензими кои горат масти во телото се намалува до 90%, оттаму забавувајќи го метаболизмот. Иако ваквите податоци денес се полесно достапни и попрецизни отколку во 1883, кога излегла спомнатата статија, причините зошто луѓето бираат да стојат додека пишуваат се исти.
Списокот на имиња на филозофи, писатели и политичари кои пишувале стоечки е долг. Кјеркегор, Дикенс, Хемингвеј, Вулф, Набоков, Черчил и Томас Џеферсон се меѓу нив. Додуша некои од нив застанале на нозе дури откако долго се излежувале, како Черчил кој додека работел на говори или на ракописи сакал да лежи во кревет потпрен на перници. Но затоа пак Џеферсон имал две дополнителни ногарки на масата за да ја држи „прикована“ во текот на неговите пишувачки изливи.
На стоечка маса е напишана „Госпоѓа Даловеј“ на Вирџинија Вулф. И „Дејвид Коперфилд“ на Дикенс. За Вулф дури се вели дека како сликар се оддалечувала од ракописот за да го види од разни агли. Во документарецот „Филип Рот: без маска“ е прикажана неговата маса за пишување, од која тој често се одвојува шетајќи низ соба - самиот вели дека на тој начин поминува и по километар за една страница.
Додуша, масата за стоење нема толку романтична аура како оние другите - нема фиоки и скришни прегради, асоцира на работа а не на спокојно размислување до тој момент, повеќе личи на подиум или на архитектонско биро. А писателот на него е како врзан за кормило на брод, на кое се мачи да се задржи. Исправен.
Претходно: Имало нешто што се вика „писателски задник“