Свилата ги фасцинира луѓето најмалку 5000 години, кога неолитските жители на она што денес е Кина успеале во „припитомување“ на диви свилени буби. Молекуларната генетичарка Аарати Прасад, во својата книга „Свила: светска историја“, ја следи приказната за тоа како овој материјал станал светски предмет на восхит и експлоатација.
Гасениците од семејството Bombycidae ткаат свилени куклици од кои еден ден излегуваат како возрасни молци. Во првиот дел од трите авторката прикажува широк спектар на мажи и жени кои низ вековите ги одгледувале, истражувале и ги употребувале примероците на бомбикс мандарина (така се вика дивиот молец) кој потоа станал бомбикс мори (домашниот молец, чија гасеница е десет пати потешка и е способна за изработка на нишки свила долги и до еден километар).
Вториот дел од книгата е за морската свила и мекотелите од родот Pinna nobilis кои ја произведуваат нишката од којашто е направена. Тие живеат во медитеранските крајбрежни води, огромни се (до еден метар должина) и се хермафродити. Возрасните единки се неподвижни, држејќи се постојано за карпите со своите свилени нишки. Кога морето е најтопло, тие испуштаат или машки или женски репродуктивни клетки, онака како што сметаат дека е најповолно во моментот. Фрагменти од оклопи на овие школки заедно со древни алатки за предење и ткаење се откриени во археолошките наоѓалиште долж Средоземното море. Сепак, само едно парче свилена ткаенина е опстанато од раните култури на Медитеранот. Со векови тоа било закопано со мумифицирана жена во запечатена гробница. Последен пат фотографирано во 1935 кога е префрлено во музеј, тоа исчезнало во хаосот на Втората светска војна. Некогаш бројна, популацијата на P. nobilis денес е загрозен вид. Ткајачите кои денес сакаат да создадат свила од морски животни мораат да работат со помалку квалитетни нишки од други мекотели.
Овој дел од книгата покрива и свила создадена од пајаци и производите во коишто се користи, како автомобилската и аеронаутичката индустрија. Повеќе од еден век на пример таа се употребува за изработка на елеци отпорни на куршуми. Авторката раскажува дека за да се заштити од атентат, австрискиот надвојвода Франц Фердинанд можеби имал таков елек изработен од свила - но дури и да било така, тој сигурно не го носел на 28 јуни 1914 кога бил убиен.
Во третото поглавје, доктор Прасад нуди поглед во иднината на свилата и потенцијалните употреби, како за вештачки телесни органи, вакцини па дури и мозочни сензори, такви кои детектираат и мерат електрични, хемиски и физички сигнали од мозокот.