Засега на сајтот можат да се пребаруваат полиците на четириесет лондонски книжарници. Освен добивањето на книгата за шеесет минути, има и поевтина опција да пропешачите до најблиската продавница опфатена во мрежата и да си ја подигнете самите.
Ник Бракенбери, еден од основачите на сервисот, смета дека ова е „апсолутен" предизвик за Амазон, поради брзината и едноставноста на процедурата. Во Лондон има стотици книжарници чии залихи, барем до сега, не им беа видливи на купувачите, па затоа тие многу полесно посегнуваа по проверени онлајн решенија.
Доставата се врши со скутери и велосипеди, а платформата зема 6% од финалната продажна цена, без некакви други обврски од страна на книжарниците. „Амазон без Амазон", како што се рекламира платформата, од крајот на 2017 планира да се прошири и на други градови во Британија.
Кај нас ваквото нарачување и достава на книги е можно, но притоа пристапот е главно до она што го има на располагање издавачот. Целосниот увид во залихите на книжарниците (странска литература, стари книги) се уште е голем проблем, кој најчесто се решава со телефонски повик и прашување за конкретниот наслов, па одење до книжарницата, па враќање...Кога ќе видиш, фаќа повеќе од еден час, во кој си можел во ладовина да чекаш на книгата, а некој да заработи 6% што се помачил да ти каже каде ја има, и да ти ја донесе.