Алелуја!

Книга за само една песна

Снимен во 1984., Various Positions беше единствен албум на Коен одбиен од неговата дискографска куќа. Речиси никој не забележал кога песната сепак излегла, под независна етикета. Оттогаш, преку десетици кавери и како дел од филмска или телевизиска музика, „Алелуја" стана антологиска.

Алан Лајт дошол на идеја да напише книга за оваа песна откако пред две години, на служба по повод Јом Кипур на Менхетен забележал дека собраните почнале да плачат кога хорот ја пеел „Алелуја". Неговата љубопитност го натерала да ја напише „Светото или скршеното: Леонард Коен, Џеф Бакли и неочекуваниот подем на Алелуја", која ја раскажува историјата на оваа песна.

Коен работел на неа пополнувајќи тетратка со повеќе од 80 стиха пред да почне да ја снима. Таа има библиски референци, но тој немал намера да ѝ даде религиски контекст. Напротив, некои од стиховите се отворено сексуални („таа те врза за кујнската маса...и од твоите усни извлече алелуја"), а на места е очигледна и неговата иронија („тебе не ти е баш гајле за музика, нели?").

На песната ѝ требало малку време да стане славна, а тоа го постигнала најмногу преку обработките на Џеф Бакли, Боно, К. Д. Ланг, Сузан Бојл, и речиси половина од учесниците на различни музички ТВ натпревари.

Сепак најтрогателна е верзијата на Бакли, која е поромантична од малку мрачниот и интроспективен оригинал. Таа си го проби и патот во поп културата кога стана дел од саундтракот за „Шрек", откако по нападите од 11 септември постојано се вртеше на музичкиот канал VH1 и откако Џастин Тимберлејк ја испеа на настан за собирање донации по земјотресот на Хаити. Сепак, прв кој го препознал нејзиниот потенцијал бил Дилан, кој ја извел во живо два пати во средината на осумдесетите.

Пишувајќи книга за една единствена песна Лајт се придружува на многу мала група на писатели кои го сториле истото - други вакви книги се онаа на Дејв Марш за песната „Луи Луи", на Роберт Харвуд за „St. Jame's Infirmary" и на Тед Антони за "House of the Rising Sun".

Koлумбија рекордс, одбивајќи го албумот на Коен, веројатно згрешиле, но во тоа време тие имале други приоритети - „нивните" Мадона, Мајкл Џексон, Брус Спрингстин и Принс биле на врвот од славата, па 50-годишниот Коен баш и не им бил интересен. Oсвен тоа неговите претходни албуми Death of a Ladies' Man (1977) и следниот Recent Songs биле комерцијални разочарувања.

Самиот Коен дал благослов за книгата, но не учествувал во нејзиното пишување. Извадок од неа тука.

Неколку од спомнатите верзии: 



5 декември 2012 - 11:18