Не е пиво

Книга што може да се пие

Сите оние кои мислат дека книгата како физички предмет е надмината работа, нека го погледнат ова - оваа не само што може да се чита и да пренесе важни информации кои можат да спасат нечиј живот, туку истовремено прочистува вода.

Организацијата WaterisLife се обидува да обезбеди пристап до чиста вода за основни потреби на милиони луѓе низ светот. Според нивни проценки 3,4 милиони луѓе секоја година умираат од болести кои се пренесени преку загадена вода. Најлошото е што луѓето често не знаат дека водата може да биде причинител на зарази. Оваа книга наречена „Книга што може да се пие" ја пренесува токму оваа порака, истовремено обезбедувајќи ефикасни филтери за вода кои можат да се искористат за оваа намена.

WaterisLife соработувала со истражувачи на повеќе универзитети, особено со Тери Данкович на Универзитетот МекГил. Таа пронашла начин да обложи картон со сребрени наночестички кои привлекуваат бактерии и отрови кога водата минува низ него. Секоја страница може да филтрира вода за околу 30 денови, а целата книга може да се користи околу 4 години. Притоа добиената вода е 99,9% чиста.

Секоја страница е перфорирана за лесно да се кине на два квадрата, горниот содржи информации на англиски а долниот на локалниот јазик. Првото издание ќе биде на англиски и свахили и ќе биде дистрибуирано во Кенија, но целта е да има 33 изданија наменети за сите земји каде работи споменатата организација. Специфичната портокалова боја на листовите потекнува од облогата, и нејзиното присуство покажува дека се случиле посакуваните хемиски реакции. И мастилото со кое е отпечатен текстот е одбрано внимателно, за да не предизвика несакани ефекти кога ќе дојде во допир со водата.

Подетално за начинот на кој функционира и која е целта на книгата во ова 2-минутно видео

 

8 мај 2014 - 09:16