Да речеме дека сте морска змија на која, поради ниската моментална температура на водата, ѝ е малку свежичко. Ова е прилично разбирливо за „ектотерми“, суштества чии сопствени извори на топлина се релативно мали па тие мораат да ги користат оние надворешните. Нивните телесни температури се зголемуваат и опаѓаат со оние на околината, а целодневното пливкање бргу ги троши внатрешните резерви.
Ваквите животни имаат неколку опции - да бидат некое време на сонце (класичен рептилски начин). Но има и друг: крадење топлина. Сè што треба е во околината да се најдат морски птици, и од нив (буквално) да се исцица топлината.
Овој вид на однесување се вика „клептотермија“, или буквално, крадење топлина. За да се случи ваков „грабеж“ потребно е да постои топло животно во релативно студена средина, и друго кое може да ја искористи таквата топлина за да си ја зголеми сопствената.
Змиите не се единствените рептили на кои им треба малку топлина. Такви се и гуштерите и крокодилите, кои живеат во станишта на потоплокрвни животни, како и крај термити, чија динамична активност ја грее околината.
Оваа крадачка дејност сепак не е ограничена само на ектотермите, туку и на цицачите кои се ендотерми, односно ја одржуваат својата телесна температура на посакувано ниво користејќи ја топлината на сопствените внатрешни телесни функции (преку метаболизмот) па оттаму се нарекуваат и „топлокрвни“. Но дури и тие ако загусти знаат да „крадат“ топлина споделувајќи ја едни со други. Гушкањето, на кое му припишуваме романтични својства, својата основна функција ја црпи токму од сосема практичната потреба за терморегулација. Вака срочено чинот губи на „љубовност“ ама па обидете се да го убедите некој да ви ги стопли студените стапала ако нема барем минимална симпатија кон вас.