Ќе се снима нов биографски филм за Леонардо да Винчи

Филмот ќе претставува адаптација на биографијата од 600 и кусур страници на Валтер Ајзаксон за ренесансниот научник, уметник и изумител.

Леонардо да Винчи ќе добие холивудски третман: италијанскиот ренесансен уметник ќе биде тема на биографски филм кој наскоро ќе почне да се снима за Јуниверзал. Студиото неодамна потврди дека Ендрју Хеј (Andrew Haigh), најпознат по „Сите ние туѓинци“ (2023), ќе биде режисер на филмот. Сценариото пак е инспирирано од биографијата на Леонардо од 2017 на повеќе од 600 страници, која се искачи на првото место на листата на Њујорк Тајмс. Таа е базирана на илјадници страници од неверојатните тетратки на да Винчи и на нови откритија за неговиот живот и дела. 

Се уште не се знае дали филмот ќе допре само еден аспект од животот на уметникот или ќе се обиде да го претстави целиот, вклучително и неговите научни експерименти и создавањето на најголемите дела, како Мона Лиза или Последната вечера. 

По објавувањето на книгата на Ајзаксон, најпрвин правата беа откупени од Парамаунт, а студиото започна да работи со Леонардо ДиКаприо. Но овој проект никогаш не се оствари, па правата беа откупени од Јуниверзал. Компанијата го избра Оскаревецот Кристофер Хамптон да го напише сценариото. Што се однесува до главната улога, не е јасно дали ДиКаприо ќе остане во игра или ќе биде заменет со друг актер.

Ова ќе биде втора голема адаптација на книга на Ајзаксон - во 2015 истото студио го сними „Стив Џобс“, базиран на биографијата од 2011.

извор

17 мај 2024 - 18:50