Откако група граѓани им го блокираа патот на камионите, а градоначалникот си го повлече претходно даденото одобрение, калето си остана на своето место. Но познатиот режисер е сепак виновен. И тоа, исто како и некои наши „режисери", за ширење кич и естетска неписменост.
Пренесуваме дел од текстот на Љиљана Шево од Бука, во кој таа го обвинува „великанот на нашата кинематографија", за кршење на голем број естетски и етички начела. Кустурица, имено, за да исценира коегзистенција на византиско/ориентално/ренесансно наследство на територијата на неговиот псевдо-град, уништува вистински споменици кои ја докажуваат истата поента на вековно преплетување на традициите и културите. Но очигледно за Кустурица симулацијата е побитна од она што таа (непотребно) го симулира. И таа ги оправдува средствата.
Просторите кои ги обединуваат византиските, ренесансните и османските културни слоеви имаат исклучителна историска и уметничка вредност, како сведоштва на сукцесија или средба и меѓусебно оплодување на различни цивилизациски дострели. Секако, под услов да се стварни. Но во случајот со псевдо-градот (на Кустурица), просторот означен како Византија/ренесанса/ориент, кој е последица на злокобниот спој на сиромашната фантазија и површното познавање на минатото, истовремено претставува неминовна манипулација со културните вредности, или скратено - кич. Според дефиницијата; нисковредна креација со уметнички амбиции, нешто плиткоумно, кое предизвикува слаткасти емоции. Се ужаснувам од помислата дека на 17000 м2 се минува од псевдоренесанса во квазивизантија во неоосманска архитектура, но сето тоа од 21. век. Уште од почетокот Андриќ-град личеше на Дизниленд. Со таа разлика што Дамбо, Петар Пан, Пепелашка и 101 далматинец со радост би живееле во Дизниевиот град во Калифорнија, или на Флорида, или кај Париз, додека Алихоџа, Лотика, Милан Гласинчанин и Ќоркан, сите по ред, со гнасење би одбиле да живеат во Андиќевиот град вака површно и накарадно замислен.
Но новопроектираниот Византија/ренесанса/ориент простор може да се вреднува и од позиција на постмодерна естетика која фаворизира плурализам на извори, слободна комбинација на модели. Од гледиште на постмодерната, која функционалноста, причинско-последичната поврзаност и формата ја жртвува заради бескрупулозната разновидност на естетики, во кои стиловите се судираат, а неоеклектичките принципи царуваат.
Постмодерната базирана на принципот на цитатност е очигледна во филмското создавање на авторот на Адриќ-град. Авторот на овој текст е почитувач на тој филмски опус и се восхитува на остварувањата како „Се сеќаваш ли Доли Бел?", „Татко на службен пат", „Црна мачка-бел мачор", „Дом за бесење". Им се восхитува делумно и заради фактот што во нив препознава спретно цитирани или духовито парафразирани фрагменти од филмовите на Фелини, Тарковски, Живоин Павловиќ, Јурај Јакубски.
Но тука мора да се укаже на битната принципиелна разлика помеѓу користењето филмски цитати и користењето на градежен камен во секундарна употреба. Примери на користење рељеф од Трајаново или Адријаново време врз градба од времето на Константин, или na порфирни столбови од Равена во Ахенската капела, употребата од надвор значи, не ни се непознати, но ги датираме во 4. односно 9., а не во 21. век. Константин длабоко ги почитувал неговите претходници, императорите од славните столетија на Рим, и со вградување рељефи од нивната епоха на сопствените градби им укажувал чест. Карло Велики посегнал по пурпурната колонада на Јустинијановите споменици, копнеејќи кон слава достојна на ромејските цареви, а притоа немајќи доволно спретни каменоресци.
Рушејќи ги камените куќи и австриските калиња по цела источна Херцеговина, Емир Кустурица можеби законски не греши. Формално, тие градби не се валоризирани како културно-историско наследство и не уживаат формално никаков режим на заштита. Суштински, великанот на нашата кинематографија грубо се огрешил во однос на бројни естетски и етички начела. Тоа подло негирање на вистинското минато и на нејзините градители, па колку и тие да биле скромни и анонимни, е конечна потврда на испразноста на историската реплика заради кое се разорува вистинското наследство.