Организирање аудиции, бирање на актерите пред, но понекогаш и за време на снимањето, учество во донесување битни одлуки околу договорите, буџетирањето, распоредот - сето ова спаѓа во задачите на кастинг директорите кои сметаат дека доколку на Оскарите веќе постојат 23 категории во кои се доделува оваа наградата, нивната би требало да биде број 24.
Всушност, некои значајни чекори во таа смисла се веќе направени. Во 2013 Академијата (Academy of Mоtion Picutre Arts and Sciences) има воспоставено кастинг огранок кој во моментов брои 146 членови. Во 2016 му беше доделен почесен оскар на легендарниот кастинг директор Лин Сталмастер, кој почина во февруари. Сето ова е дел од постојаното лобирање кое го прави Кастинг здружението на Америка.
Еден од филмовите номиниран за Оскар оваа година е „Манк“ на Дејвид Финчер, а неговата кастинг директорка, која работи со овој режисер од 1986, Лареј Мејфилд, вели дека непризнавањето на нејзиниот и трудот на нејзините колеги е навредливо, бидејќи тие се сметаат исто толку за уметници како и продукциските дизајнери, монтажери или костимографи. „Ние работиме со луѓе, не со предмети. Кастинг директорот му вдахнува живот на филмот“, вели таа.
Сепак таа признава дека дел од недоразбирањето е што кастинг директорите „не оставаат отисоци“, односно нивниот труд често е невидлив - се одвива зад затворени врати, во интимен простор, со снимки од аудиции кои не се за во јавност. Но скоро и да нема режисер кој нема да се согласи околу важноста на оваа професија, за снимањето на филмот воопшто да почне, како и за неговиот конечен лик.