Децата во Советскиот сојуз, како впрочем и во голем број други земји, често страдале од анемија, односно „слаба крв“. Истите тие деца, исто како впрочем и многу други, не сакале да пијат сирупи со витамини и минерали. Лукавото решение на возрасните - залажи ги со плочки кои личат на чоколадни а всушност содржат слични компонентни како и спомнатиот сируп, помешани со кондензирано млеко и шеќер.
Но во нив имало и една необична состојка - железото, кое е клучно за превенција на анемија, било добиено од албумин (black food albumin), технички термин за крв. „Хематогенот“, како што се викало чоколатцето со весели цртежи на пакувањата, содржел најмалку 5% крв од крава.
И ова не е некаков екстравагантен производ кој се појавил еднаш па го снемало. Хематогенот во различни пакувања и од разни производители се наоѓал во советските аптеки и трафики со децении, до падот на СССР. Дури и денес го има, иако модерните производители прават верзии не само против анемија туку и за генерално јакнење на имунитетот, концентрација и сл.
Ова е резултат на истражувањата на Анастасија Лактикова, ко-уредник на зборникот текстови „Зачинет социјализам: род и храна во доцниот советски секојдневен живот“. Според неа ова не бил единствениот производ кој содржел крв - правта од сушена кравја крв била засладувана со ликорис, а постоел и Хемосан, пијалок направен од крвен протеин, лецитин и калциум глицерофосфат.
Иако ова може да звучи како некаква советска бизарност, пренхранбените производи кои содржат животинска крв имаат долга кулинарна историја во сите култури, со оглед на високата нутритивна вредност на крвта, која е богата со протеини, витамини и минерали и содржи помалку холестерол од јајцата. Што се однесува до плочките Хематоген, тие содржеле околу 10 милиграми железо, што е во опсегот на препорачани дневни количества за деца, а фактот дека доаѓал од животинска крв значело дека подобро се апсорбира отколку железото во апчиња. Тоа дека луѓето генерално не биле заинтересирани за составот произлегувало од тоа што во СССР баш и немало многу избор на слатки. А и вегетаријанството не било во тренд, како што е денес.