Kaранфилче: ароматичниот зачин кој создал империи

Позади еден навидум скромен зачин стои сложена историја на царства и профити, колонијализам и глобализација. Според локалните верувања, пак, растението имало еден куп моќи. Жените од островите го користеле тајно како афродизијак, верувајќи дека го зголемува сексуалниот апетит. Мажите го користеле во време на војна, сметајќи дека ги прави невидливи и оттаму неранливи. 

(фото: EPA-EFE/MADE NAGI)

Во поголемиот дел од човечката историја, скромното каранфилче, еден од најчестите зачини кои ни се наоѓаат по кујнските долапи, бил всушност еден од најретките. Набрани од тропски дрвја, овие мали сушени цветови од растението Сизигиум ароматикум биле ценети не само поради нивните слатки и силни вкусови, туку и поради употребата во медицината и конзервирањето храна. 

Историски, низ светот за нив имало голема глобална побарувачка, но производството и трговијата биле многу ограничени. На пример, во Британија од 15-тиот век, половина килограм чинел пет тешко заработени дневници на искусен занаетчија. 

Иако денес каранфилчето главно го поврзуваме со варено вино и студено време, тоа растело на места каде нема четири годишни времиња онакви какви што ги знаеме во Европа. Тоа потекнува од западниот раб на Тихиот океан, денешна Индонезија. Географската распространетост опфаќала мал број острови, каде исламските султанати и домородни кралства го контролирале производството и трговијата. 

Но иако домородните работници ги саделе, култивирале и собирале каранфилчињата, арапските и кинеските трговци всушност се заслужни за трговијата со нив на голема далечина - тие го донеле зачинот во предмодерна Европа и на медитеранските пазари, долж Патот на свилата и преку Индискиот океан. 

Така, каранфилчето станало дел од трката за зачини во 15 век, во која учествувале и држави но и корпорации, кои не само што сакале да тргуваат со зачинот туку и да станат сопственици на самите плантажи. Тоа биле пред се Англичаните, Шпанците и Португалците, но до 17 век со трговијата почнале да доминираат Холанѓаните. Најважниот елемент сепак не била ни територијата, ни трговските врски, колку знаењето кога точно да се наберат и исушат цветовите, а тоа е пред да созреат во плод. Ова меѓу другото било важно бидејќи откако каранфилчињата ќе созреале, островските птици слетувале не само за да изедат голем дел од плодовите, туку и за да рашират еднакво количество од нивните семиња. 

Каранфилчето било ценето и поради своите медицински својства, но главно биле користени во мешавина со храна, чаеви и мешани со тутун, за пушење. Според локалните верувања, растението имало еден куп природни но и натприродни моќи. Жените од островите го користеле тајно како афродизијак, верувајќи дека го зголемува сексуалниот апетит. Мажите пак го користеле во време на војна, сметајќи дека ги прави невидливи и оттаму неранливи. 

Така, приказната за „скромното“ каранфилче допира до голем број аспекти од социјалната, економската и политичката историја, односно претставува нешто многу повеќе од само ароматичен додаток на вареното вино или туршијата. 

извор

25 септември 2024 - 19:37