Кама мута: нов термин за едно познато чувство на топлина

Алан Фиске е психолошки антрополог (да, и тоа има) и професор на Универзитетот Калифорнија во Лос Анѓелес. Неговата најнова книга се вика „Кама мута: откривање на чувството кое поврзува“ (2019). Што означува овој чуден збор?

Чувството веројатно сите сме го имале, повеќе или помалку. Кога сме со оние што ги сакаме; кога нашиот тим победува; кога маче ќе ни скокне во скут и откако ќе сврти круг-два ќе си заспие таму; кога присуствуваме на некој свечен колективен настан. Да, на сите овие можеме да им додадеме цинични забелешки (пример: ако не си алергичен на мачки...), ама барем носталгијата по времето кога човек можеше да го почувствува таа убава топлина во душата, да му се наежи кожата или едноставно да остане без зборови, останува. Како и надежта дека ваквите настани можат пак да се случат.

Во македонскиот веројатно би го нарекле „милина“. Но авторот на истоимената книга предлага еден друг термин, „кама мута“, позајмен од древниот санскрит каде значи „трогнат од љубов“, а напишан на писмото деванагари на следниов начин: काममूत.

За нешто да може да се опише со овој термин потребно е да задоволи шест услови:

1. Да е поттикнато од неочекувано споделување, љубезност и човечност;
2. Да трае кратко (минута или две, иако може да се повторува);
3. Чувството што го предизвикува да е добро (иако може да се појави во контекст на други, негативни емоции);
4. Кога е интензивно, чувството да е придружено од ист вид физички сензации: топлина во градите; навлажнети очи или солзи; кнедла во грло; наежена кожа, ставање на дланката на градите и насмевка, придружено со „оооо!“;
5. Да мотивира приврзаност и сочувство;
6. Во зависност од јазикот и контекстот, да е опишано со веќе спомнати термини.

Овие шест елементи се потврдени во неколку експерименти со повеќе од 10,000 учесници, од 19 народи и 15 јазици. Истражувањето се одвивало во цркви и џамии, на поетски фестивали и на споменични места, на состаноци на Анонимни алкохоличари, по болници и семејства со новороденчиња. Истражени се и стотици историски извори и етнографии од различни култури во светот.

Кама мута е чувство блиско до љубов, но не и исто со неа. Љубовта е чувство што трае, додека кама мута е моментална емоција која се појавува кога љубовта ќе биде поттикната. Прв бакнеж, гест на љубезност, поврзаност со група или со друг човек. Интензивираната или поттикнатата љубов може да биде романтична, платонска или верска. Постовите на социјалните мрежи кои евоцираат силна кама мута често стануваат вирални - слатки мачиња и специјални човечко-животински пријателства. Тоа го прават и некои филмови (главно романтични комедии), но и сонети на Шекспир или хаикуа на Башо. Тоа може да го сторат и различни видови музика, или искуствата на единство со природата. Свештеници, оратори, маркетинг креативци и политички консултанти кои добро „играат“ со овој концепт се поуспешни од оние кои не го знаат тоа.

Но пак, иш на цинизмот, дури и мали, неочекувани дела на љубезност можат да бидат кама мута: внимателно одбран (не-скап) подарок, гушкање, болничка посета. Биохемијата и невралните процеси вклучени во создавањето на ова чувство се се уште делумна мистерија. Но чувството е вистинско, ако му дозволите да се појави.

извор

25 декември 2019 - 18:11