Звучниот пејзаж околу нас често минува незабележан. Од најблиските звуци - бучењето на вентилаторот на компјутерот, до подалечни како гласното смеење на соседите. Овие микро-звучни околини се дел од пошироките, оние на местата каде живееме и и самите произведуваме звуци.
Милен Пардоен, некој вид музички археолог, направила сонична реконструкција на париската област Гранд Шале во 1739 во соработка со истражувачи од различни дисциплини, како историја, социологија и 3Д репрезентација. Изборот на оваа област паднал заради богатството на позадински звуци произлезени од трговците кои тука имале свои тезги и продавници, како и ехото на специфичната архитектура.
Што се однесува до годината, 1739 е избрана затоа што тогаш градоначалникот на Париз нарачал од професорот Луј Бретез да направи мапа од птичја перспектива на градот, која е толку детална што дава доволно податоци за архитектурата и потенцијалните звуци.
Како што покажува видеото, Париз од 18 век бил многу различен од оној денес. По обидите за реставрација на Луј 14-ти, биле изградени голем број плоштади и споменици, така за сите останати градови на светот да изгледаат „како предградија“ во однос на градот на светлината.
Сепак, во него имало и мрачни ќошиња кои повеќе потсетувале на средниот век, со проститутки и ситни измамници, помешани со поети, сликари и мали продавничиња и меани. Ниту еден од звуците во видеото не е компјутерски генериран, освен оној на пумпата кај Нотр Дам која испумпувала вода од реката.
Со забрзаната модернизација на градот голем дел од звуците исчезнуваат - а во случајот со нашиот за голем дел од нив е подобро и да замолчат и да им отстапат место на други, поспокојни и помузикални.