Во раните 1800-ти, патувањето поради задоволство, а не поради економски и други причини, било секако резервирано само за најбогатите семејства. Но на крајот на 19-тиот век, летниот одмор, често на сончево, приморско место станало попристапно и за среднобогатите и за работничките семејства. На тоа, за оние доволно писмените, се надоврзало една од омилените летни навики - читањето.
Moдерната дефиниција на „книга за плажа“ (beach read) се поврзува со 1990-тите, кога терминот се појавил во списанија поврзани со издаваштвото, пред да влезе во мејнстрим медиумите. Претходно, книгите наменети за оние кои одат на одмор биле идентификувани како „летно читање“, термин кој датира од средината на 18-тиот век, а веќе бил во широка употреба до крајот на 19-тиот. Тогаш Њујорк Тајмс објавил шаренолика летна читачка листа, со наслови во опсег од романи до биографии. Единствениот критериум за избор бил „книги кои во моментов се широко читани и посакувани“.
Модерната дефиниција е прилично слична, бидејќи обично на плажа се носат полесни наслови, бестселери, романси, трилери. Некои читатели буквално ја сфаќаат оваа категорија, па како книги за плажа со себе носат такви кои имаат летна атмосфера, без обврска за тешка ментална гимнастика.
Сето ова било овозможено со спомнатата демократизација на летните одмори и, секако, порастот на писменоста, падот на трошоците на печатење. Популарноста на евтино произведените „дајм новелс“ и прозните дела кои излегувале фељтонски по весниците покажувале дека има читачка публика која чита пред сè заради забава. Летото за издаваштвото и историски било „тапа“ време, па издавачите ја искористиле можноста да го приграбат овој нов пазар, промовирајќи си ги изданијата како „летни“.
Секако, имало и такви кои давале отпор на промоцијата на ваквиот тип читање, кое според нив било кампањско и неквалитетно. Познат свештеник од Бруклин ги сметал летните книги за „отпад полн гадинки“ и ги предупредувал читателите да не дозволат „жабите и вошките на загадената печатарска преса да доползат до нивните куфери“.
Но плажарската литература опстоила и издавачката индустрија никогаш веќе не погледнала наназад. До 1898, таквите книги биле наменети речиси исклучиво за читателките, а доминантен жанр биле љубовните романи. Издавачкиот бум на книгите со мек повез и поевтина хартија почнал во 1930-тите и дополнително ја поддржал идејата дека книгата за плажа е ефемерна исто толку колку и самото лето, наменета за задоволство и евентуално оставена на хотелска полица за идните читатели.