Цел век пред Цукерберг да го воведе копчето „лајк“, познатиот британски писател Е. М. Форстер („Соба со поглед“ и „Патување за Индија“) во 1909 година ја предвидел ерата на Фејсбук во дистопискиот расказ „Машината застанува“. Во него главниот лик е сместен во празна просторија, во која ѕидовите се покриени со електрични копчиња. Кога ќе се притиснат, тие произведуваат инстант храна, музика, облека, литература. „Секако, имаше копчиња преку кои таа комуницираше со нејзините пријатели“, пишува Форстер. „Собата, иако не содржеше ништо, беше во комуникација со сето она што ѝ значеше нешто во светот“.
Точно тоа е сликата на нашите колективни и интимни простори денес. Копчиња има насекаде, на нашите ѕидови, телефони, тастатури. Присутни се и во метафорите, кога некому ќе му го притиснеш погрешното копче, или кога себеси ќе си направиш „рисет“. Долго време колективната паника беше поттикнувана со слика на црвено копче преку кое може да се активира нуклеарна апокалипса.
Во нова книга „Копче за вклучување: историја на задоволство, паника и политиката на притискање“ (Power Button: A History of Pleasure, Panic and the Politics of Pushing) професорката по медиуми и комуникација Рејчел Плотник ја истражува првата генерација Американци-„притискачи“, која прва ги искусила ѕвончињата за врата, електричните светилки и другите технологии кои се активираат со допир на прст на почетокот на 20 век. Тој прст, односно тој тактилен импут кој прави машините да почнат или да престанат да работат, бил симбол на индустријализацијата и на напредокот. Денес ваквите допири се веќе претворени во присилни дејства - некој пресметал дека во просек ги допираме екраните на мобилните 2.617 пати дневно.
Според Плотник копчињата биле воведени во американските домаќинства за да решат еден - колку и да звучи чудно - метафизички проблем. Имено, електрификацијата претставувала токму таков предизвик за нејзините корисници: нејзината недопирливост и нематеријалност била во конфликт со идејата за допирот како основно средство за спознавање на реалноста (како кога си, или не си „во допир“ со неа). Електричарите од 19 век експериментирале со копчињата како стратегија, за електричната струја да ја направат „истовремено реална, а сепак магично и безбедно сокриена“.
И покрај сета моќ која ја имплицира обичното притискање на копче, таквата состојба наскоро почнала да ги загрижува докторите и психолозите, со оглед на тоа што тоа поттикнува седечки начин на живот и отуѓување. Многу пред пронаоѓањето на телевизијата и на далечинското кружеле визуелни претстави на дебели политичари залегнати во фотељи, чиј прст е близу некакво копче кое ја одредува судбината на човештвото. Да контролираш некого преку копче станало и симбол на повисок статус во хиерархијата, канцеларискиот супервизор наспроти физичкиот фабрички работник, или злиот капиталист (како г-дин Брнс во „Симпсонови“), кој буквално пали и гаси преку копче.
„Копче за вклучување“ оттаму нуди детална анализа на феноменот на притискањето прекинувачи, тастери и дигитални копчиња, кое е наш начин на живот. „Електричните копчиња станаа господари на светот, надминувајќи ги далечините, намалувајќи ја потребата за планирање и обмислување, всушност за мислење воопшто“, напишал новинар на Детроит Фри Прес во 1903. Денес кликаме токму така, без многу размислување и без големи последици. Копчињата ни имаат навлезено во најинтимните простори на секојдневниот живот, кои се можеби испразнети од содржини, но затоа се полни со нешта на кои може да се клика.