Насловната на Слободна Далмација од 4 октомври оваа година го краси голема фотографија на Дилан, со натпис „Светска ексклузива - Боб Дилан: Не го чекајте крајот на животот, спасението почнува сега“. Kaко автор на интервјуто е потпишан дубровничкиот новинар и поет Војо Шиндолиќ, бивш уредник на белградското списание Џубокс, кој добар дел од 1970-тите и 1980-тите ги поминал во Америка.
Дека Шиндолиќ е навистина личен познаник со Дилан сведочат потпишаните примероци од албумите во придружните фотографии на четирите страници разговор со него. Но има еден друг, не мал проблем - интервјуто, кое сега e достапно и во интернет изданието на весникот, како што пишува Матија Штахан на Аrteist.hr е всушност интересна и слоевита измама.
Таа функционира барем на две нивоа. На првото се работи за таканаречен „автоплагијат“ - имено, истото интервју кое се најавува како „ексклузивно“ е всушност идентично со она за кое Шиндолиќ тврди дека го направил во 2008 во Вараждин, само што ова новото е во хрватски превод, а тоа вараждинското е објавено во оригинал, на англиски, за печатеното и интернет изданието на списанието Pacific Rim Review of Books. Единственото нешто што ги разликува двете е воведот, кој во обата случаи е детален и прилагоден на контекстот. Инаку, сите прашања на Шиндолиќ и сите одговори на Дилан во интервјуата од 2008 и 2017 се истоветни (што може лесно да се спореди со кликање на двете верзии тука и тука).
Но според Штахан тука не завршува приказната, туку на друго ниво проблемот е уште поголем. Дека нешто не е како што треба внимателниот читател може да насети веќе од самиот помалку необичен избор на прашања - наместо за најновите дискографски постигнувања, Нобеловата или што и да е актуелно од светот и од ликот и делото на соговорникот, се прави муабет за филмови во чиј процес на настанување учествувал, а далеку од тоа дека се нешто интересни моменти од неговата кариера.
Зошто некој би наметнувал теми кои биле актуелни пред 40 години? Одговорот е всушност едноставен: затоа што изворите од кои Шиндолиќ презел голем број од наводните одговори датираат од крајот на 1970-тите и почетокот на 1980-тите. Има тука и пиратски зборки интервјуа од 1960-тите, но и делови од книги (на пример од Bob Dylan: Performance Artist 1986-1990 And Beyond на Пол Вилијамс). Секако, тој остава можност и некои од одговорите да се изворни, односно да потекнуваат од некој разговор помеѓу Шиндолиќ и Дилан, кој го воделе на времето.
Интересно е да се забележи дека сличен случај како овој со „интервјуто“ на Шиндолиќ со Дилан веќе се има случено во Америка, и тоа во 2012. Младиот публицист Џона Лерер, автор на неколку психолошки и научно-популарни бестселери, во неговата „Замисли: како функционира креативноста“ измислил и прилагодил шест цитати од Дилан. Се крена толкава џева што човекот доби отказ од Њујоркер каде пишуваше колумна. Неговите бранители велеа дека ова е иронично со оглед на тоа што самиот Дилан има „препишувано“ најразлични текстови (што важи дури и за говорот по повод добивањето на Нобеловата).
Шиндолиќ во текст-автоапологија објавен во Слободна Далмација како одговор на обвинувањата не негира дека правел „колаж“ и од сопствени разговори со Дилан и од делови од други интервјуа и книги, изразувајќи почит кон неговиот критичар, за неговото познавање на ликот и делото на Боб. Се вади дека неговиот соговорник често знаел да повторува исти одговори на слични прашања, па дека оттаму и не е чудно што тие се појавуваат и во неговото „интервју“. Клучниот аргумент му е дека Дилан му е другар веќе четириесет години, и дека „барем две третини“ од она во весникот е навистина ексклузива.
Две-третини, две-третини. А ич?