„Морска болест“ се добива кога телото се обидува да се прилагоди на движењето на чамец или брод, при што човек се чувствува нестабилно и лошо. Но копнената болест се случува во обратна насока: откако сте се адаптирале на брановите, потоа имате проблем да се вратите на старo откако ќе стапнете на цврста почва. Некому може да продолжи или дури и да почне да му се врти откако ќе го напушти бродот, а ова знае и да ескалира во потежок облик.
Еден од првите референци на копнената болест доаѓа од Еразмус Дарвин во 1796, кој напишал:
„Оние, кои биле многу долго на вода во чамец или брод и се здобиле со неопходните навики на движење на овој нестабилен елемент, по враќањето во сон или помеѓу сонот и јавето често имаат визии дека нештата се движат исто како на пловилото. Ова го имам искусено и самиот и ми е кажано дека по долги патувања потребно е време за овие идеи целосно да исчезнат“.
Додуша не се само бродовите „виновни“ за оваа појава, копнената болест може да се појави и ако сте патувале на копно, но во нешта кои се движат брзо, како возови или авиони.
Некои проценки велат дека помеѓу 43 и 73 проценти луѓе искусуваат копнена болест. Ова нарушување може да се случи секому, но поради нешто жените на возраст од 30-60 години се поподложни, исто како и оние кои искусуваат мигрени.
Вистинската причина за копнена болест е се уште непозната. Една од теориите е дека продолженото движење го нарушува вестибуларниот систем (системот за рамнотежа во внатрешното уво), кој овозможува баланс и свесност за позицијата на телото во просторот. И покрај можните проблеми, повеќето луѓе се навикнуваат на нишањето на брод, но мозокот и по прекинот на престојот на вода продолжува да ја „чита“ околината како уште да има бранови. Овие конфликтни сетилни информации го збунуваат телото и прават човек да се чувствува во најмала рака нестабилно.
Копнената болест, исто како и морската, типично исчезнува откако човек ќе помине неколку денови на суво, но има документирани случаи дека состојбата траела со месеци, па дури и со години.