Букбокс гледаше

Како што е во рајот (2004)

Филмот е истовремено и „feel-good" и „feel-bad" - комбинација карактеристична за скандинавските филмови. Критика на културата која се обидува да вкалапи, контролира, да наметне чувство на вина и грев дури и тогаш кога го нема, ова е ода на човековата страст по животот, и обидот тој достоинствено да се живее. Убав, убав филм.

Даниел Дареус е диригент со меѓународна кариера, чија животна желба, уште од детството кога другите деца го малтретирале затоа што по цел ден свирел виолина, е да создава музика која ќе ги отвара срцата на луѓето. Беспоштеден кон музичарите, но најмногу кон себеси, тој по еден концерт на сцената доживува тежок инфаркт, после кој решава да се пресели во родниот Норланд, на крајниот свер на Шведска. Тоа се покажува истовремено како негов најдобар животен потег, но и најголема животна грешка.

Го купува основното училиште, почнува да се движи низ селото, и иако никој не го препознава под новото име и видно остарен, локалните жители знаат дека се работи за славен музичар и диригент. Не поминува долго време, и иако отпрвин дава отпор на идејата, тој почнува да го води црковниот хор. Тука почнуваат бројни перипетии кои допираат суштински прашања за верата, моралот, семејните вредности и човековата слобода.

Харизматичен и убав, со необични ставови и методи во врска со музиката, тој почнува не само да им се допаѓа на жените, туку и значајно да влијае врз животите на сите во хорот, од кој го очекува она што никој друг во заедницата очигледно не го бара ниту поттикнува - да бидат отворени и да уживаат во тоа што го прават. Дотогаш главниот авторитет - локалниот лутерански пастор во чија црква и се одвиваат пробите, а кој крие порно списанија во домашната библиотека - станува болно љубоморен и на секој начин се обидува да го дискредитира. Даниел е можеби чудак, но не е неморален. Напротив, дури и кога има шанса да ја искористи наклонетоста на убавата Лена, членка на хорот која покажува отворени симпатии кон него, тој чека до последниот момент за ситуацијата да созрее. До кулминација на нивната интимност но и на филмот доаѓа во Виена, каде хорот оди на натпревар, на патување кое за многумина од селото е всушност прво излегување од дома. Но срцето на Даниел не го издржува сиот овој товар и сета новопронајдена среќа - тој умира во тоалетот на салата, каде преку звучник ги слуша ангелските гласови на неговиот хор кој импровизира на сцената дур го чека, толку хармонични што поттикнуваат да им се придружат и останатите во салата, држејќи се за раце.

Филмот е истовремено и „feel-good" и „feel-bad" - чудна комбинација толку карактеристична за скандинавските филмови. Критика на културата, лутеранската но и која и да е друга, која се обидува да вкалапи, контролира, да наметне чувство на вина и грев дури и тогаш кога го нема, ова е ода на човековата страст по животот, и обидот тој да се живее колку што е можно подостоинствено. Музиката е само тригер на она што е длабоко запретано во нас, а кое конечно може да нè ослободи.

Има една сцена која е дефинитивно антологиска и заради која, ако за ништо друго, филмот требало да го добие Оскарот за најдобар странски филм за кој бил номиниран во 2004., кога Оскарот го зема, додуша одличниот „Внатрешно море“. Даниел компонира песна за Габриела, жена која е жртва на постојано насилство од мажот, кој не ја ни пушта да пее во хорот. На локално организираниот концерт таа ја пее песната пред вчудоневидените соселани. Слушнете ја.

 

29 октомври 2012 - 14:48