Не изгорела, ѝ го укинале буџетот

Како пропаднала Александриската библиотека

Да не делуваше убедливо, ќе мислевме дека е иронија упатена до сите влади кои кратат од буџетските средства во областа на културата. Но изгледа дека вистинската причина за згаснувањето на славната библиотека не бил пожар, туку нешто навидум многу побанално, а подеднакво страшно.

Кралската александриска библиотека била една од најголемите и најзначајните институции во античкиот свет. Нејзиното палење со векови е симбол на уништувањето на културното богатство и знаење. Но таа, спротивно на вообичаеното уверување, изгледа не изгорела преку ноќ, туку постепено згаснала заради - кратења во буџетот!

Во текст објавен на io9.com, Анали Нуиц, новинарка која се занимава со влијанието на науката и технологијата врз културата, најпрвин детално ја опишува историјата на библиотеката - основана е во 283 година пред нашата ера од страна на Птоломеј II Сотер, кој владеел по Александар и имал амбиција да создаде музеј во грчки стил, заснован врз Аристотеловиот Лицеј во Атина. Ова место, наречено Птолемејска музејска академија, требало да привлече голем број учени од целиот свет, и со тоа градот, кој до тогаш бил само колонијално предградие и фино место за летување на богатите Грци, да го претвори во значајно културно средиште.

Така и биднало - во текот на неколку децении во библиотеката се складирани илијадници свитоци, и таа била место за предавања и „студиски престои" на бројни филозофи и природонаучници од Медитеранот и Средниот исток - во еден момент во неа постојано живееле над 100 од нив, поддржани од државни стипендии кои им биле доделувани за тие да ги одржуваат, преведуваат и копираат книгите, и да се занимаваат со интелектуална работа. Иако со своето богатство им бодела очи на освојувачите, тие според авторката на текстот сепак не се главната причина за горењето на оние често спомнувани „40,000 свитоци" кои наводно изгореле при нападот на градот од страна на Цезар за време на владеењето на Клеопатра. Во текот на целата историја на библиотеката, освен ова, се случиле и неколку други опожарувања и грабежи, но ниту едно од нив не било толку страшно за да ѝ стави крај на библиотеката. Пресудна улога одиграла промената на идеологијата кај оние кои ја раководеле и кои во неа работеле, и кои постепено го смениле нејзиниот лик до непрепознатливост.

Лучиано Канфора, во неговата книга „Исчезнатата библиотека", врз основа на примарен материјал, документи напишани од луѓето кои ја познавале и работеле во библиотеката, ја опишува во времето на нејзиното згаснување во 639, кога арапските трупи под водство на калифот Омар ја освоиле Александрија:

„Серапеумот (ќерката-библиотека на онаа големата, лоцирана во храмот на божицата Серапис) веќе беше уништен при напад на паганските храмови во 391. Последната славна личност поврзана со Музејот беше Теон, татко на славниот Хипатија, која учеше геометрија и музикологија и која христијаните, убедени во нивното незнаење дека таа е еретик варварски ја убија во 415...Природно, и градските книги се променија, и не само нивната содржина. Нежните свотици ги снема. Нивните последни остатоци беа употребени за палење или беа закопани во песокта, и беа заменети со пергаменти, елегантно изработени и подврзани со дебели подврски - но полни со грешки, бидејќи грчкиот веќе стануваше заборавен јазик. Текстовите сега се состоеа главно од писанија на свештениците, документи на Советот и „света литература" генерално".

Ова секако не личи на големата збирка на Птолемеј, ниту пак на центар на знаењето каков што претставувал во тогашниот модерен свет. Книгите го отсликувале она што јудео-христијанските бирократи сметале дека е важно, а не идеалот за универзално знаење кое го промовирала библиотеката во нејзините почетоци. Дури и големото книжевно богатство да било сочувано, тоа не би било доволно без присуството на странски истражувачи, кои биле прогонети кога римскиот император Марко Антоние ги укинал сите приходи на Музејот, заедно со стипендиите на неговите членови. Сето ова, заедно со турбулентната историја на самиот град, направило библиотеката да пропадне. Слично како што и денес секојдневно низ светот пропаѓаат значајни културни институции кои не ја добиваат потребната поддршка, што на крајот е слично како некој да ги запалил. 

10 октомври 2013 - 10:06