Британските колонизатори во Јужна Азија со себе ги донеле видовите пива познати како „индија пејл“, кој биле доволно „хмељасти“ за да можат да го издржат патувањето. Сепак, иронично, Германија на крај доминирала со пивскиот пазар помеѓу Британците во Индија, а причината било тоа што посветлите пива на оваа земја подобро легнувале на тропската клима.
Самото домородно индиско население не било нешто воодушевено од пивото. Индуските и муслиманските власти генерално го обесхрабрувале пиењето, а Британците се обидувале да си го задржат пивото за себе, како дел од напорите за изолирање од „примитивните“ народи околу нив. Денес, пиењето пиво во Индија останува поврзано со британското наследство, а штандовите често се декорирани со британското знаме.
Во Јапонија приказната била многу поразлична. Во 1854 бил потпишан договорот од Канагава, помеѓу САД и шогунатот Токугава, кој означил крај на 220 години долгата национална изолација на оваа земја. Потпишан под закана од вооружен напад, договорот подразбирал отворање на две пристаништа за американски бродови и воспоставил позиција американски конзул во Јапонија. Кога американскиот поморски офицер Метју Пери им донел пиво на властите, еден од нив изјавил дека вкусот му е како „горчлива коњска мочка“.
Но подоцна јапонските производители и потрошувачи ги прифатиле западните производи, вклучително и пивото, како знак на прогрес. Почнале да се појавуваат јапонски пиварии, често пати најмувајќи германски мајстори кои ги подучувале локалците на потребните вештини. Во 1906 е издаден првиот број на Списанието на пиварското здружение на Јапонија, кое станало значаен дел од меѓународните дискусии за научниот напредок на техниките на производство.
Јапонците почнале да пијат пиво уште повеќе по рестрикциите во текот на Втората светска војна, кога било забрането да се употребува ориз за правење саке (за да има повеќе од него за јадење). А при крајот на 1980-тите земјата стана позната по категоријата „суво пиво“ чиј прв претставник е брендот Асахи.
Во меѓувреме, во Кина, Русите почнале да прават пиво на преминот кон 20 век, а Германците следеле по нив. За разлика од Британците во Индија, Германците го охрабрувале пиењето пиво помеѓу Кинезите како дел од обидот за културна интеграција, што исто така дозволувало мешани бракови и интегрирани училишта.