Две нешта влијаеле врз неверојатниот развој на бизнисот со играчки во САД по Втората светска војна: пронаоѓањето на евтина пластика во различни бои и периодот на „бејби бум“, кога помеѓу 1946 и 1964 биле родени дури 76 милиони деца, потенцијални муштерии. Истовремено, телевизијата која била во зародиш пред војната, наскоро станала платформа за демонстрација на најновите модели играчки, со што овој бизнис од 84 милиони долари во 1940 пораснал на дури 900 милиони во 1953, за да се брои во милијарди до почетокот на 1960-тите.
Некои рани облици на пластика, како целулоидот, биле присутни уште од 19-тиот век. Но во 1930-тите и 1940-тите биле воведени нови, кои играле огромна улога во воената индустрија со оглед на тоа што одредени природни материјали, како свила или природна гума биле тешко достапни или невозможни да се произведат во доволни количества за потребите на војската.
Oва не значи дека производителите на играчки преку ноќ се прилагодиле на пластиката. Некои од нив, како браќата Паркер на пример, биле премногу уплашени да променат какви и да е детали на нивната друштвена игра „Монопол“, бидејќи таа и тогаш била голем извор на приход за компанијата. Освен тоа, некои од фабриките за играчки во текот на војната биле пренаменети за авионски делови, компаси или оружје, па им требало време да се престројат.
Нo до крајот на 1940-тите пластиката почнала да се појавува на полиците на продавниците за играчки, често пати поради бизнисмени кои биле подготвени да ризикуваат. Така, „Кути“ (слика горе), игра во која играчите се тркаат за да направат шарени пластични инсекти, станала инстантен хит во 1949, а останува популарна и сега, речиси 75 години подоцна. Нејзиниот изумител, Херб Шапер, бил всушност поштар од Минеаполис.
Истата година данската компанија Лего, основана од дрводелецот Оле Кирк Кристијансен за да произведува дрвени играчки, ја претставила својата прва пластична „цигла“. Верзијата која е во употреба денес датира од 1958.
Следеле уште куп игри кои им овозможувале на децата и на нивните родители да имаат сосема поинакво сетилно доживување на играчките, особено на друштвените игри чии делови веќе не биле рамни туку скулптурални, во 3Д.
Како што првиот бран бејби бумерс се приближувал кон тинејџерство, производителите на играчки и на игри немале намера да се откажат од нив како потрошувачи. Некои визионерски компании веќе ги препознавале како потенцијално лукративна демографија, па во 1966, кога најстарото поствоено бебе наполнило 20 години, е објавена играта „Твистер“. Наместо вообичаената табла за играње тука се користи подлога од винил, со стратешки лоцирани точки на која самите играчи се всушност „фигурите“, поставувајќи ги телата во понекогаш невозможни позиции, што кога играле и момци и девојки додавало на возбудата. Само во 1967 Твистер се продала во повеќе од 3 милиони копии.
Ваквата ниша на потрошувачи сега е дополнително зголемена, со игри кои се рекламираат како да се соодветни за играчи од 7-77 (а зошто да не и до 100) години.