Како писателка со докторат по психологија стана врвен покер играч

Марија Коникова мразела казина и коцкање. Но почнала да игра покер како дел од нејзиното истражување на факторите на случајност и веројатност. Набргу ѝ тргнало. Сега има и пари од играњето, и нова книга.

Марија Коникова ја знаеме како колумнист во голем број списанија, меѓу кои и Њујоркер, каде пишуваше на теми од областа на психологијата и науката. Авторка е на два бестселера - „Мастермајнд: како да мислиш како Шерлок Холмс“ од 2013, преведена на 17 јазици, како и на „Игра на самодоверба“, која се обидува да објасни како функционираат измамниците од различен ков.

Коникова во еден моментсе заинтересирала за играње покер како начин на истражување на реакциите на мозокот на ситуации кои вклучуваат и вештина и среќа. Претходно мразела казина и немала никаков интерес за коцкање. Но пред неколку години стапила во контакт со Ерик Сидл (неколкукратен светски шампион и професионален играч на покер) кој се согласил да биде нејзин тренер, да ја обучи до степен во кој таа би можела да се натпреварува на турнири.

Така и тргнало - откако ги поминала базичните турнири, по само една година, почнала да победува на такви кои носат поголеми добивки (скоро 100.000 долари), во конкуренција на 97% мажи. За да продолжи со истражувањето (или просто се навлекла на играта) го одложила пишувањето на својата нова книга. „Најголемиот блеф: како научив да обрнувам внимание, да се контролирам и да победувам“, излезе во јуни 2020 и веќе почнува да собира награди.

Статистиката според неа е дел од животот и самата по себе не е ни добра ни лоша. Во универзум кој почива на комбинација на случајност и среќа, идејата за „една шанса во милион“ за 7.5 милијарди луѓе и не е толку необична. Уште ако на тоа се додаде фактот дека планетата Земја е само една од 40 милијарди други планети слични на неа во нашата галаксија, нашите мозоци веќе се преплавени со нумерички податоци со кои не знаат како да ракуваат. Емоциите дополнително ни го ограничуваат или извитоперуваат погледот на нештата, преувеличувајќи ги и заканите, но и можностите. Секогаш може да има некаков ѕвер во мракот, но исто толку е можно да има и ќуп со злато закопано во дворот.

Но што ако можеме да бидеме емоционално подистанцирани од читањето на сопствената судбина? Корникова, освен на наодите во својата „лабораторија“ - масата за покер, се осврнува и на делата на претходниците, на пример на Џон фон Нојман, таткото на теоријата на игри, но и на сопствениот тренер кој постојано велел дека покерот е како џез, одлично поле за импровизации и интуиции. Она што притоа е клучно во толкувањето на бројките е дека „веројатноста има амнезија“, односно дека последователните добивки (или губитоци) не значат ништо за исходот на она што следи.

Критиката ја нарекува Коникова „Чарли Ватс на прозата“ бидејќи успева да ја спои стручноста со сопствена приказна, за подем од аутсајдер во некој кој им подготвува слатка одмазда на колегите-играчи (97% мажи) кои ја потцениле и коментирале дури и отворено, што бара една жена на покерската маса. Со тоа нејзиното искуство станува дел од потврдата на теоријата - дека комбинацијата на случајност и среќа сепак може да се сврти во сопствена полза.

30 јануари 2021 - 10:27