Во Орвеловата „1984“, напишана во 1949 година, може да се препознае изненадувачка паралела со денешната појава на т.н. „AI slop“ - масовно произведена, често површна содржина создадена со помош на вештачка интелигенција. Со други зборови, ВИ помија.
Иако живееме само неколку години во ерата кога вештачката интелигенција може да создава приказни, песни, есеи, па дури и филмови, ваквата технологија веќе почнува да изгледа како нешто неопходно во секојдневието. Сепак, идејата дека машините можат да создаваат ваква содржина не е нова - таа долго време постои во научната фантастика. Токму во „1984“ се појавува уред што наликува на денешните јазични модели.
Во Министерството за вистина, каде што работи главниот лик Винстон Смит, постојат цели оддели задолжени за производство на литература, музика и забава за масите. Таму се создаваат евтини весници, сензационалистички приказни, филмови и песни - сè со цел да се задржи вниманието на „обичните луѓе. Дел од таа содржина ја произведува машина наречена „версификатор“, која автоматски компонира песни без никаква човечка интервенција (што би се рекло - Суно). Наместо луѓе да пишуваат, машината генерира содржина механички, без креативност и без личен израз. Песните што ги создава се едноставни, сентиментални и лесни, наменети за широките народни маси („пролите“).
Овој опис денес силно потсетува на масовната продукција на содржини со помош на вештачка интелигенција. Како и тогаш, така и сега, проблемот не е само во технологијата, туку и во тоа што таквата содржина има публика. Во романот, власта смета дека на пролите им е доволно да имаат евтина забава и слобода да ги задоволуваат своите навики. И денес, ваквата содржина се шири токму затоа што луѓето ја консумираат.
Интересно е што подоцна писатели како Исак Асимов го критикувале романот како неточна визија за иднината, особено во технолошка смисла. Но, со развојот на вештачката интелигенција во 21 век, некои од идеите на Орвел изгледаат сè порелевантни.