Како мириса оваа слика од 17 век?

Нова изложба во Шпанија вклучува десет ароми инспирирани од слика на Јан Бројгел постариот и Питер Пол Рубенс, која самата прикажува некогашна технологија на производство на мириси.

Уметничките дела ја имаат моќта да го пренесат гледачот во друго време и на друго место. Сега, Националниот музеј дел Прадо во Мадрид, Шпанија,  оди чекор понатаму со нова изложба која вклучува мириси кои го нагласуваат искуството на слика од 17 век.

„Есенцијата на една слика: олфакторна изложба“ се фокусира исклучиво на „Чувството за мирис“, дело на белгиските уметници Јан Бројгел постариот и Питер Пол Рубенс, насликано помеѓу 1617 и 1618 година. Поставката, која ќе трае до 3 јули, ги повикува гледачите да не обрнуваат внимание само на маслото на платно, туку и на мирисот на десет ароми инспирирани од него. 

За оваа цел, музејот соработувал со Грегорио Сола, мајстор за парфеми од компанијата Пуиг од Барселона, и професор на Академијата за парфеми во Мадрид. 

Сола развил нови мириси базирани на елементите на сликата, која ги прикажува Венера и Купидон обиколени со егзотични цвеќиња, птици и животни. Мирисот „Смоквино дрво“ на пример, е растителен, свеж парфем поврзан со ова дрво, додека „Алегорија“ комбинира рози, јасмин и каранфил. Другите мириси на изложбата вклучуваат цветови од портокал, јасмин, кринови, нарциси, па дури и парфем направен од секрет на дива мачка.

Но вистинската причина зошто е одбрана оваа слика е што на неа има инструменти кои се користени во тој 17 век за правење на парфеми, преку кои може да се реконструира начинот на којшто тоа се правело пред четири векови. Тука има и епрувети, колби, инки и друга лабораториска опрема, како и „аератор“ - справа која се користела уште во древен Египет за загревање на ароматичната суптанца и нејзино ширење, како денешните освежувачи на воздух. 

Деталното објаснување на сликата и на начинот на кој таа им се доближува на посетителите на музејот, во долното видео: 

Ова сепак не е прва изложба од ваков тип. Минатата година, на пример, слична беше поставена во Холандија (види претходно: Мирисни ја уметноста)

15 април 2022 - 19:24