Во 1964, пред нешто повеќе од 50 години, Исак Асимов, американски писател и професор по биохемија, најпознат по неговите научно-фантастични книги, напишал текст во Њујорк Тајмс, посветен на Светскиот саем кој се одржувал тоа лето во градот. Мото на настанот било „Мир преку разбирање", и нудел визија за свет без нуклеарна војна, во кој научниците раат би можеле да се концентрираат на напредокот на човештвото. Она што Асимов се обидува да го направи во текстот е да отиде чекор понатаму, и да предвиди кои изуми би биле изложени на сличен настан во - 2014!
Еве некои од неговите визии:
- Во нашите домови без прозорци ќе има електролуминисцентни (светлечки) ѕидови, чија боја ќе може да се менува со допир во зависност од расположението;
- Автомобилите ќе можат да левитираат, на патиштата ќе има пумпи со воздух под притисок кои ќе ги креваат во воздух, и на тој начин ќе ги намалат оштетувањата на асфалтот. Така нема да бидат потребни ни мостови. А со оглед на тоа што автомобилите ќе имаат „роботски мозоци" и ќе можат да се програмираат како сами да стигнат до секоја дестинација нема да има потреба ни од човечки возач;
- Комуникацијата ќе ги комбинира гласот и видот, па така соговорникот на телефон ќе може и да се чуе и да се види. Пазете сега ова: екранот ќе може да се користи не само да се видат луѓето со кои зборувате, туку и за проучување документи и фотографии и читање делови од книги;
- Телевизорите ќе бидат во форма на 3Д коцки кои на гледачите ќе им овозможуваат да гледаат што и да е од сите агли (во примерот на Асимов балет, иако веруваме дека имал предвид и други жанрови);
- Светот ќе се соочува со проблемот на пренаселеност, па пустинските и поларните области ќе станат атрактивни за населување - цели градови ќе бидат изградени на дното на морињата, што особено ќе им годи на оние кои се по подводните спортови;
- На саемот во 2014 ќе бидат претставени алги кои заменуваат обична храна, и тоа со вкус на мисирка и „псевдо-бифтек";
- Проблемот на пренаселеност ќе мора да се решава со поголема контрола врз раѓањето, развој на контрацептивни методи и превенција особено кај тинејџерите. Во спротивно голем дел од населението ќе почне да живее во сиромаштија и наместо да ги ужива предностите на развојот на технологијата, ќе назадува;
- Рутинските работни места ќе бидат заменети со машини, па човештвото во голема мерка ќе се претвори во раса на машиноодржувачи. Дури и наставата ќе се одвива преку телевизија и видео-ленти, а учениците ќе учат пред се' основи на компјутерска технологија;
- Човештвото ќе страда од здодевност, што ќе прерасне во болест со сериозни ментални, емоционални и социолошки последици. Ако сакате да вложувате во некоја професија за да ви се најде во 2014, советува Асимов, тоа би била психијатријата. Оние кои ќе најдат сила да се занимаваат со креативна работа од каков и да е вид ќе бидат елитата на човештвото, бидејќи тие ќе прават нешто повеќе од само служење на некаква машина.
Некои од овие елементи веројатно можеле да се насетат во времето кога е пишуван текстот. Некои се погодени, а некои претерани, за што особено во случајот со тоа алгите ни е мило. Сепак, општо земено, степенот на влијание на технологијата врз поширокиот општествен (и глобален) контекст е нешто кое Асимов добро го проценил. За оние кои се уште имаат време да одберат професија, ова со психијатријата делува како добар совет.