По гледањето на видеата од концертите кои во 1996 се одржувале во Кавадарци, нè фати носталгија, па решивме да копаме подлабоко - и во архивите и во културолошките рани.
Ова е снимка од емисија од областа на културата, „Време за книга“ од далечната 1983. Во неполн час во неа ќе видите:
- Анкета со случајни минувачи низ ГТЦ за тоа што читаат. Драган Павловиќ Латас во младо, згодно и идеолошки провокативно издание, дур соговорниците јадат тост ги прашува - дали е подобро да се јаде дур се чита или да се чита само дур се јаде? Што е повредно, тост од 2000 динари или книга?
- Прилог посветен на излегувањето на тогаш новото издание на Зборникот на браќата Миладиновци, низ разговор со Душко Наневски и Томе Саздов.
- Прилог за македонското издание на „Предавниците на македонското дело“ од 1926, документ на Централниот одбор на ВМРО Обединета, прв пат отпечатена на бугарски во Прага, а потоа на турски и француски. „Дали преводот на македонски е задоцнет?“, прашува водителката.
- Прилог снимен во преполната читална на Народната и универзитетска библиотека со луѓе на кои се сеќаваме. Историчар на уметност, филозоф и студент од Палестина запишан на Техничкиот факултет.
- Преглед на нови изданија на македонски, меѓу кои „Тито и музичката уметност“. Вест дека добитник на Нобеловата за 1983 е Вилијам Голдинг. Дека „Чизмаши“ е добитник на НИН-овата награда. Подолг прилог за тогаш тазе добитникот на Гонкур, со кратка содржина на книгата на Фредерик Тристан, „Изгубени“, со контроверзите што го следеле изборот.
- Разговор за нов учебник, „Трауматологија на лице во виличните коски“ со д-р Васков.
- Извадок во актерска интерпретација (Илија Џувалековски?) од романот „Горчила“ на Коле Чашуле и краток новинарски осврт за истата.
- Малку чуден преод од Чашуле кон Жак Превер, со двеминутен црн екран (грешка ли е или откачена режисерска одлука?), дур во позадина оди Les feuilles mortes на Ив Монтан.
Имаме ли денес телевизиско време за книга?