Додека со години реставрирал гранде пијана, Дејвид Клавинс станал критички настроен кон традиционалните начини на кои се конструирани овие инструменти. Одлучил да почне да прави свои, согласно сопствените акустични принципи и искуства. Моделот 370 кого го претставил во Бон, Германија, го добил името поради својата висина - 370 сантиметри. Спротивно на стандардниот начин на хоризонтално поставување на пијаното, овој модел е конструиран вертикално. Тежи два тона и има висина од два ката. Инструменталистот седи на некој вид клупа на горниот кат, додека главниот дел со жиците и резонантното тело се наоѓаат под неговите нозе.
Со оглед на ваквата конструкција, звучната плоча, одговорна за акустичниот „здив“ на инструментот, е со двојна големина од вообичаено концертно гранде пијано. Ова резултира со многу побогат звук и поголем спектар на надтонови. Најниската бас жица е долга 3.03 метри - три пати подолга од онаа на стандардно пијано.
Денес овој инструмент се наоѓа во Институтот за музичка наука на Универзитетот во Тубинген и се уште го држи рекордот за најголемо на светот. Наскоро е планирано да излезе и Уна корда лајт пијано, кое ќе има само 4 октави и кое е наменето да биде идеално за пијанисти кои сакаат со себе на турнеја да го носат и инструментот. Во тек се истражувања на Клавинс за замена на челичната рамка на пијаното со концепт на јаглеродни влана (carbon fiber), што би го направило инструментот уште полесен.
За да може да ја објавува музиката изведувана на овие и другите негови модел, Клавин основал и своја дискографска куќа, „Клавинс мјузик“, ангажирајќи музичари на кои им е предизвик да свират на нив.
Во следново видео (4:32) е прикажана работилницата и моделите на Клавинс, со негови изјави за мотивите за неговата работа.