Три и пол минутното парче е балетска точка врз музиката на Валцерот во Е-мол на Шопен, кој заслужено го носи името „Валцер на грешки“. Тоа е всушност мала антологија на пропусти кои балетските уметници знаат да ги направат, особено ако не се добро увежбани или просто имаат лош ден.
Aвтор на кореографијата е легендарниот Џером Робинс (1918-1998), најпознат по Оскарот за „Вест сајд стори“. За да биде сигурен дека сме ги забележале грешките и кога се најсуптилни, тој вклучил мали назнаки - како кога едната балерина нежно ја потупнува колешката која заборавила да се исправи и да се врати во редот. Шестте девојки, кои се очигледно добро обучени балерини, практично се мачат да направат грешка (како кога човек со музички талент се мачи да пее фалш). Помислата е дека веројатно им требало повеќе време да научат да згрешат, отколку да го изиграат „како што треба“.
Укажувањето на пропустите наместо на совршеноста на изведбата има и комичен, но и интересен естетски ефект. Зошто пак мора се да е симетрично, пропорционално, ефикасно? Доколку се тргне од поинаков став - дека хаосот понекогаш е поубав од редот, тогаш ова не се грешки туку сосема коректни движења.
Премиерата е одржана во 1956 во балетот на градот Њујорк а изведбата во видеото е на балетот Трокадеро од Монте Карло.