Како Хрватот Хуан (Иван) Вучетиќ прв расветлил убиство со помош на отпечатоци?

Името кое најчесто се спомнува кога станува збор за научното докажување на уникатноста на човечките отпечатоци е Франсис Галтон, познат и како внук на Дарвин. Но сепак имал и претходници кои го трасирале патот за во 1892 да се случи првото расветлување на случај со помош токму на овие докази. 

Во јуни 1892, Франциска Рохас била пронајдена со нејзините две деца во нивниот дом во Нокочеа, Аргентина. До моментот кога биле пронајдени, децата за жал подлегнале на повредите кои им биле зададени. Рохас тврдела дека тие биле нападнати од сосед, Педро Рамон Веласкез. Тој ѝ бил поранешен партнер, кој наводно не можејќи да се помири што оваа го откачила, се одлучил на ваква одмазда. Веласкез бил уапсен и испрашуван, дури бил натеран и да седи со часови до мртвите тела на децата кои имале расцепени черепи, но не го признал делото. Инсистирал дека во тој момент бил со пријатели. 

Не знаејќи што понатаму, локалната полиција го повикала инспекторот Едуардо Алварез за да го испита местото на злосторот. Тој нашол крвав отпечаток на вратата од спалната, го издвоил и го контактирал полицискиот офицер, Хуан (Иван) Вучетиќ. Роден на Хвар во тогашното кралство Далмација (дел од Австро-унгарската империја), тој емигрирал во Аргентина помалку од една деценија претходно. Наскоро потоа почнал да се занимава со тн. дактилоскопија, односно со класификација на отпечатоците од прсти врз основа на идеите на Франсис Галтон. Станал директор на Центарот за дактилоскопија во Буенос Аирес. 

Алварез му го однел отпечатокот, но Вучетиќ не нашол совпаѓање со оној на осомничениот Веласкез. Но затоа пак отпечатокот бил идентичен со оној на Рохас, која не само што си ги убила сопствените деца, туку за сето тоа да биде поуверливо дури си направила и засек на вратот, како убиецот да посегнал и по неа. 

Кога ѝ биле презентирани наодите, Рохас веднаш признала сè. Таа имала друг љубовник кој сакал да ја ожени, но под услов таа да се отараси од децата - нешто што го сфатила прилично буквално. Била осудена на доживотен затвор.

Вака решениот случај ја покажал моќта на доказите со човечки отпечатоци и го раширил методот на Вучетиќ низ светот. Во 1904, тој ја објавил книгата „Компаративна дактилоскопија“ која стекнала светска слава. 

„Според мое мислење, од суштинска важност е секој да има доказ за отпечаток. Тоа понекогаш е единствениот начин да се разликува чесен човек од криминалец. Ова би го намалило бројот на погрешни обвинувања“, изјавил тој, акцентирајќи дека би требало да има централно политичко и граѓанско биро за идентификација, а не само полициска институција. 

Кога во 1916 аргентинската влада, инспирирана од Вучетиќ, изгласала закон за целото население да мора да остави отисоци, некои граѓани се бунеле и одбивале. Така, Вучетиќ, кој починал во 1925, не доживеал да ја види својата теорија применета во пракса на толку високо ниво. Сепак, Аргентина навистина станала првата земја која се потпирала исклучиво на отпечатоци од прсти за идентификација, а понатаму воспоставила и национална Канцеларија за идентификација и за цивилни и за криминалистички отпечатоци. Денес, и покрај постоењето на ДНК анализи, сепак тие продолжуваат да бидат едни од клучните докази и начин за идентификација. 

3 декември 2024 - 10:45