Со помош на пријател, но без знаење на Музејот на современа уметност во Њујорк, уметникот Харви Стромберг во 1971 си поставил изложба низ целиот галериски простор на оваа институција. Иако „делата" биле сосема видливи, требало да мине долго време пред некој да забележи дека во просториите се поставени предмети коишто не припаѓаат таму - мимикрирани „фотоскулптури", направени така да се втопуваат во просторот.
За да ја подготви изложбата, Стромберг минал долго време во музејот, преправен во студент со тетратка во рака, божем загледан во изложените слики, а всушност мерејќи и фотографирајќи ја музејската опрема: прекинувачите за светло, бравите, воздушните вентили, делови од подот и цигли во ѕидот на музејската градина. Потоа од нив направил слики во реална големина, ги покрил позадините со лепило, и еден ден минал низ музејот поставувајќи 300 вакви „фотоскулптури" на музејска опрема по ѕидовите и подовите.
Секако, музејскиот персонал не бил до толку слеп, па наскоро ги пронашол паричињата и почнал да ги одлепува. Но како што тие одлепувале, така Харви лепел нови. Поставувал фотографии и на места кадешто никој не можел да ги забележи - на циглите на ѕидот од градината стоеле повеќе од две години, па дури и самиот тој имал проблем да ги најде. Но неговата идеја и не била тие да не се пронајдат, туку музејот да сфати дека тука се одвива некаква игра. Дури и се надевал дека посетителите на МоМА ќе пронајдат некоја од нив, и ќе си ја земат, потоа фалејќи се дека поседуваат „украдена уметност од МоМА".
Прва којашто добила можност да добие информации од самиот уметник, и да напише текст за овој необичен проект, била уметничката критичарка Розалинд Констабл, која го интервјуирала Стромберг за Њујорк Магазин од 28 јуни 1971. Таа во текстот иронично прашува:
„Дали ова е уметност? Па ако е во музеј, тогаш е уметност. Ама никој до сега не размислил за тоа дека самиот уметник без ничие знаење би можел да си ја внесе уметноста во музеј".
Она што го направил Стромберг според неа е политички чин. Тој не припаѓал на ниту едно уметничко здружение, туку сакал да води сопствена герилска војна против автономијата на музеите.
„Чувствувам дека ова му вели на музејот: не можеш секогаш да го контролираш поединечниот уметник. Јас кажувам што и - уште поважно - кога ќе изложувам. Музеите и галериите не се толку моќни колку што изгледаат. Како би можеле да ме запрат? Можат да ме запрат мене, но не и самото шоу. Ако ми забранат влез во музејот, ќе го пратам брат ми или мајка ми. На крај ќе треба да им забранат пристап на сите".
На прашањето зошто на крај се одлучил да излезе од анонимност, тој одговара дека е важно луѓето да се свесни дека постојат конфликти помеѓу музеите и уметниците. Сепак, признава дека најголем мотив му бил адреналинот - едноставно се забавувал додека ја насамарувал институцијата, на генерално нештетен, но впечатлив начин. На крај, кога веќе се било јасно, МоМА му овозможила да си направи и отварање, на изложбата која никогаш и не била тоа.
(гостите на отварањето наздравуваат со модели-фотографии од чаши шампањ)