Економската теорија, барем онаа промовирана од упатени аматери, сака да нè убеди дека капитализмот има некаква внатрешна, иако невидлива логика, и дека потрошувачите, сопствениците, менаџерите, работниците, се однесуваат на предвидливи начини. Но интелигенцијата и критичкото расудување често немаат врска со начинот на кои се успева или се губи на пазарот. И ова важи и за генијалци од калибарот на Њутн, и за времиња кога пазарот онаков каков што го познаваме денес бил во зародиш.
За да ја илустрираат поентата за ирационалноста на пазарните системи истражувачите на оваа тема често ја користат приказната за спектакуларниот подем, и истоветниот пад на Исак Њутн во таканаречениот „Јужноморски балон“ од 1720. Неа, на пример, ја користи Бенџамин Греам во сега веќе класичниот прирачник од 1949, „Интелигентниот инвеститор“, во која ирационалноста на пазарот се припишува на антропоморфен ентитет под име „Г-дин Пазар“.
„Пролетта 1720-та сер Исак Њутн поседувал акции во Јужноморската компанија, „најжешките“ во тоа време во Англија. Чувстувајќи дека пазарот излегува од контрола, славниот физичар изјавил дека ’може да го пресмета движењето на небеските тела, но не и лудилото на луѓето’. Ги продал акциите, заработувајќи 100% профит, во износ од 7000 британски фунти. Но само неколку месеци подоцна, поттикнат од дивиот ентузијазам на пазарот, Њутон повторно влегол во игра, но овој пат губејќи 20.000 фунти (или повеќе од 4 милиони денешни фунти). До крајот на животот им забранувал на сите да го спомнуваат името на компанијата во негово присуство.
Њутн, и покрај сета рационалност која инаку го красела, очигледно не можел да му одолее на „коцкарскиот“ дух на берзата, и на алчноста по повеќе. Да живеел денес веројатно би инвестирал во крипто-валути и би се однесувал слично, затоа што на крајот на краиштата бил само човек. Некои историчари го правдаат, велејќи дека самата компанија во која инвестирал била измама уште од почеток - имала монопол на трговијата со Јужна Америка, продавала робови, и вештачки ги пумпала цените на акциите, што и било овозможено со оглед на фактот дека неколку членови на парламентот биле вклучени во шемите. Дури и законите кои биле носени за да ги заштитат инвеститорите од падови како оној кој го уништил Њутон, испаднало дека се местенки.
Сепак, Њутн си сноси своја вина во целата работа - неговата емоционална дисциплина очигледно знаела да попушти и да биде повлијаена од менталитетот на толпата. Ова е иронично со оглед на стандардниот опис на неговиот карактер, на крајно осамен и повлечен човек. Кој, како што вели легендата, умрел на 84 години, без никогаш да има секс.
Извор: Open Culture