Неодамна пишувавме дека Спајк Ли и Дензел Вашингтон се подготвуваат да прават римејк на едно од помалку познатите, а одлични филмови на Акира Куросава „Рај и пекол“ (Tengoku to Jigoku, преведуван и како „Горе и долу“). Toa e полициска драма во која Куросава се јавува и како ко-сценарист и како монтажер. Тој е базиран на романот „Кралскиот откуп“ нa Eд МекБејн, еден од бројните псевдоними на Еван Хантер, американски автор на криминалистичка проза која се смета за антологиска во овој жанр.
Во него ја следиме приказната за директор во успешна фабрика за женски чевли, Кинго Гондо (Тоширо Мифуне) кој во кризен момент во својата кариера треба да се одлучи дали ќе го прифати предлогот на одборот на компанијата да го намали квалитетот на производите во име на поголем профит или ќе се држи до принципите на својот занает - чевларството. Во момент кога ќе го заложи целото лично богатство за да откупи акции од фирмата и со тоа да не дозволи компромитирање на брендот, се случува киднапирање. Целта била синот на бизнисменот, но по грешка е грабнат синот на возачот, дете на слична возраст.
Од тој момент натаму бизнисменот треба да донесе одлука помеѓу тоа дали да ги искористи парите за својата цел или да го спаси детето на својот вработен, кој никако не би можел да ги собере 30-те милиони јени. Иако најпрвин грешката на киднаперот изгледа токму така, како грешка која би можела да го натера да се откаже од целиот план, тоа според тогаш важечките јапонски закони за него всушност излегува среќна околност. Имено, за уцена која не подразбира киднапирање на роднина или член од најтесното семејство, тогаш во Јапонија следела максимална казна од само 5 години, а во спротивниот случај, 15.
Синот на Куросава во тој момент имал 17, а ќерката 8 години. Се вели дека режисерот имал страв од сопствено или киднапирање на децата за откуп, нешто што не било ретка појава во тоа време. Веројатно токму затоа се посветил на оваа тема, надевајќи се дека ќе придонесе за ширење на јавната свест за овој проблем и промена на кривичниот закон, што и се случило во 1965.
Но ова не е единствениот интересен факт поврзан со филмот. Во двата часа и триесет и три минути, во првиот дел снимени исклучиво во ентериер и со релативно бавно дејство а во вториот во трка со времето во екстериер, има сè - етички дилеми, социјална критика на оние „горе“ наспроти оние „долу“ (во филмот прилично буквално илустрирано со локацијата на куќата на бизнисменот на врв на брдо), оние кои живеат во рајот наспроти оние кои живеат во секојдневен пекол. Тој ги отсликува годините на „економско чудо“ во Јапонија по Втората светска војна, кога започнува градењето на брзите железнички линии и цвета автомобилската индустрија. Кратко време по премиерата на филмот започнуваат и летните Олимписки игри во Токио од 1964.
Иако не е толку извикан како „Седумте самураи“ или „Рашомон“, „Рај и пекол“ се смета за едно од ремек-делата на Куросава и е вклучен во колекцијата Критерион - антологија на светскиот филм. Од него е инспирирана и нова американска серија, Full Circle, режирана од Стивен Соденберг.