Од 1950-тите до 1970-тите Џон Калхун, американски етолог и проучувач на однесувањето, спровел интересен експеримент - создал „глувчешки универзум“ во кој на почетокот биле воведени само четири пара глувци. Живеалиштето се состоело од метален кафез со должина 2,7 метри и висина од 1,4м. На секоја страна имало по четири вертикални „тунели“, кои овозможувале пристап до „гнезда“, хранилки и садови за вода. Храна и вода имало во изобилие. Немало предатори. Единственото ограничување бил просторот.
На почетокот бројот на глувци рапидно растел, удвојувајќи се на секои 55 дена. На 315-тиот ден популацијата достигнала 620 единки, по што растот забележително опаднал. Последниот глушец се родил на денот број 600, што резултирало со популација од само 2200 глувци, иако на почетокот експериментот предвидувал бројка од речиси 4000 единки. Овој период помеѓу 315-тиот и 600-тиот ден како да се случило нешто, што според Калхун можело лесно да се преточи во заклучок за тоа како би се однесувало човештвото во слична ситуација.
Тоа нешто било страшно, дури и за глувци. Се состоело од целосен колапс на социјалната структура и нормалното однесување. Помеѓу отстапувањата биле забележани отфрлањето на малите пред тие целосно да зајакнат, зголемен степен хомосексуално однесување, невозможност доминантните мажјаци да ја одбранат својата територија, агресивно однесување помеѓу женките, пасивност на недоминантните мажјаци со зголемен број напади еден врз друг итн. Оние кои ги имале зафатено „убавите“ апартмани си поминувале подобро - во нив само јаделе и спиеле, но бидејќи не се дружеле, односно не влегувале во социјална интеракција, сосема го загубиле чувството за такво, социјално однесување, па иако биле поштедени од насилство и смрт, како да не биле „вистински“ глувци.
Ваквите необични однесувања Калхун ги нарекол „бихејвиорални тонења“. Тој ги опишал своите наоди во број на Сајентифик Американ од 1962, време кога почнала да се јавува јанѕа од урбаните гужви и пренаселеноста, кои биле поврзувани со ризик за морален распад.
Денес има и мислења дека експериментот на Калхун не се однесувал на популациски туку на проблем на дистрибуција (на ресурсите). Истовремено, се тврди дека моралниот распад помеѓу луѓето не би произлегол од густината на населеност сама по себе, туку од прекумерна социјална интеракција. А и бел глушец и човек се сепак две различни суштества. Така велат, иако Калхун и денес веројатно не би се согласил со ваквиот став.