Курт Гедел, роден 1906, бил уште од мал многу умен, но и многу нервозен. Семејството го нарекло „Хер Варум“, или г-дин Зошто, затоа што постојано поставувал прашања и се сомневал во сè што му било кажувано. Во основно добил ревматска треска, што му предизвикало доживотни проблеми со срцето. Истовремено, бил одличен ученик, и потоа студент на Универзитетот во Виена, каде во 1929 докторирал, на рана возраст од 23 години. Токму студирањето таму засекогаш му го сменило професионалниот и личниот живот.
Гедел тогаш се заљубил во Адел Нумбурски, разведена танчарка, која била шест години помлада од него. Нејзините родители се противеле на врската, што многу го вознемирило Курт. Сепак, 10 години подоцна тие се зеле, и останале заедно до крајот на животот.
Во 1931 Гедел ги објавува неговите докази поврзани со тн. Теорија на некомплетност, идеи кои предизвикале револуција во тогашната наука. Но иако од тој момент неговата кариера почнала да оди во нагорна линија, приватно тој доживувал кризи, и минал голем дел од средината на 1930-тите во психијатриска болница.
Помеѓу двете светски војни, Гедел бил член на група интелектуалци и филозофи познати како „Виенскиот круг“ (во кој, меѓу другите, членувал и Витгенштајн). Но кога нацистите ја анектирале Австрија во 1938, тој и неговата тогаш нова жена, Адел, заминале за Принстон, Њу Џерси. Таму тој се спријателил со Ајштајн, па двајцата мигранти кои ги зближувал германскиот јазик и широките научни познавања минувале долго време во прошетки и муабети. Ајнштајн, како што пишувавме во една од Букбокс читанките, дури и го придружувал пријателот на сослушувањето за добивање американски пасош, кого Гедел за малку немало да го добие заради неговата „голема уста“ (за целата приказна види тука).
Иако биле многу блиски и не сакале да зборуваат со никого друг освен меѓусебе, нивните карактери биле крајно спротивни. Ајнштајн бил весел и оптимист, Гедел осаменик, меланхолик и чудак - омилен филм му бил цртаниот „Снежана и седумте џуџиња“.
И не само тоа. Бил параноичен, верувал во духови и при крајот на животот му било страв дека некој ќе го убие, особено колегите-математичари кои го посетувале. Неговата исхрана се состоела од путер, бебешка храна и лаксативи. Ситуацијата особено се влошила по смртта на Ајнштајн во 1955, кога Гедел целосно се повлекол во себе. Одбил да се појави дури и на доделувањето на Националниот орден за наука во 1975, кој требало да му биде врачен од претседателот Џералд Форд. Кога излегувал надвор носел скијачки маски (против зарази), а јадел храна само ако неговата лојална жена Адел ја имала пробано претходно.
Но кога и самата Адел била хоспитализирана во 1977, Гедел едноставно престанал да јаде. Станал подвижен скелет, па морал да биде примен во болницата во Принстон. Умрел практично од прегладнетост, две недели подоцна. Во тој момент имал 71 година, а тежел само 30 килограми.