Букбокс читанка

Moргенштерн и Гедел, гостинка уредничка: Јасна Котеска

Оние кои, како мене, се имаат скарано со математиката и природните науки, за Гедел главно знаат посредно, преку делото на Даглас Хофштатер „Гедел, Ешер и Бах".

Поврзувајќи ги навидум изолираните светови на математиката, сликарството и музиката, книгата, која ја доби Пулицеровата награда во 1980, е опишана како „метафорична фуга за познанието во духот на Луис Керол". Тоа индиректно значи дека за да ги разберете сите игри на зборови, автореференцијални „лупови" и логички загатки, како и нивната врска со тројцата наведени, треба барем нешто да знаете за нивните дела. Но додека чудните црно-бели цртежи на Ешер се чести илустрации дури и на календари и маици, а Бах не можете да го промашите и ако го свири Ванеса Меј, Гедел останува мистериозниот „играч" во оваа тројка.

Приказните за животот на уметниците се дел од популарната култура, но оние поврзани со научниците (па уште и со некакви опскурни логичари и математичари) се главно ограничени на тесен еснафски круг. Во следниве редови нашата гостинка пренесува една таква епизода од животот на Гедел, онака како што е раскажана од неговиот колега и пријател Оскар Моргенштерн. Таа има врска со логиката, но и со – американскиот Устав!

Јасна предава литература и родови студии на Филолошкиот факултет на УКИМ. Има објавено неколку теориски книги: Комунистичка интима (2008), Санитарна енигма (2006), Македонско женско писмо (2003) и др. Редовно пишува за печатените медиуми. И' благодариме што се согласи да гостува во Букбокс.

КОГА МАТЕМАТИЧАР УЧИ ЗА АМЕРИКАНСКО ДРЖАВЈАНСТВО
(Преубава приказна од Моргенштерн за Гедел)

Јасна Котеска

Ги знаете оние испити што мора да ги полага секој wannabe американски државјанин?

Освен ако читате од Америка, најверојатно не.

Станува збор за тест што мора да го поминете ако сакате да добиете сертификат дека сте тамам жител за САД. Таму прашуваат: каков тип влада има Америка, како се вика највисокиот судски орган, и разни слични формалности. Никој баш не прашува кога била холандската колонизација, кој американски претседател куцал на едната нога, дали Абрахам Линколн сакал да јаде компир, дали Елеонор Рузвелт била геј, што е NRA и слични прашања од висока резолуција. Главно, секако, добро е да го прочитате американскиот Устав.

***
Било 5 декември 1947 кога големиот австриски логичар и математичар Курт Гедел, бегајќи од ефектите на Втората светска војна, побарал американско државјанство.

За сведоци ги викнал своите најдобри пријатели, Алберт Ајнштајн и Оскар Моргенштерн. Како посветен научник, веднаш рипнал да учи темелно. Почнал со првите етапи на населувањето на американскиот континент од човечки битија. Продолжил со индијанските племиња. Му се јавувал на Моргенштерн за секоја нејаснотија и барал дополнителна литература, што ја студирал најревносно. Овде и онде ја критикувал литературата, сомневајќи се дека изворите се непотполни, а доказите сомнителни. Џабе Моргенштерн го убедувал дека никој не испрашува такви ситници, дека тестот е едвај формалност, Гедел сеедно студирал како луд. И тогаш се случил пресвртот. Гедел, видно вознемирен, му се јавил на Моргенштерн за да го предупреди дека во американскиот Устав нашол контрадикторност, која овозможува земјата да се развие до фашистичка диктатура, заради превидот на пишувачите на Уставот.

Моргенштерн го убедувал Гедел дека тој развој на настаните во Америка е речиси невозможен, дури и под услов Гедел да е во право, во што се сомневал. Но, го предупредил, за бога, тоа никако да не го споменува на самото испрашување, а го алармирал и Ајнштајн, кој ги повторил истите предупредувања пред Гедел: зборувај што сакаш, само немој за грешките во Уставот.

Дошол испитниот ден. Моргенштерн ги собрал Гедел и Ајнштајн со кола, и сите тројца пристигнале на сослушувањето. Кога одговорните го виделе големиот Ајнштајн како влегува во судската сала, надвор од процедурите кои налагале одвоено испрашување на кандидатот и сведоците, сите тројца ги внеле заедно во големата сала. Судијата Филип Форман прво го прашал Ајнштајн дали Гедел ќе биде добар граѓанин на Америка, а Ајнштајн ревносно потврдил: тој е голем ум, значаен за цела планета, и слично. Тогаш судијата Форман, се свртел накај Гедел:

- Господине Гедел, од каде доаѓате?
- Од каде доаѓам? Австрија.
- Каква влада имате во Австрија?
- Републиканска, но Уставот беше така напишан, што на крајот се претвори во диктаторска.
- Оф, тоа е многу лошо. Тоа не може да се случи во оваа земја.
- Секако дека може. – брзо одговорил Гедел - Може и да ви докажам.

Скаменети, Ајнштајн и Моргенштерн ја гледале оваа брза размена околу најспорното прашање на сослушувањето на нивниот пријател, кога за среќа, интелигентниот Форман (до денес познат во судската историја на САД, пред сè, како човекот кој му им даде американско државјанство на Ајнштајн и Гедел), брзо одговорил: „Да не навлегуваме сега во сите тие подробности" и веднаш го прекинал испитот, набрзина одобрувајќи го државјанството за Гедел. Додека заминувале кон лифтот, некој од службениците потрчал кон Ајнштајн и му побарал автограм.

- Мора да е ужасно постојано да ти приоѓаат многу луѓе – му рекол Моргенштерн.
- Ох, ова е само последен остаток од канибализмот. – одговорил Ајнштајн.
- Во која смисла? – збунето прашал Моргенштерн.
- Порано ја бараа твојата крв, а сега твоето мастило. – одговорил Ајншајн.

Што се однесува до самиот Гедел, тој го положил заветот за американски граѓанин на 2 април 1948. Никој никогаш не ја дознал грешката што Гедел ја нашол во американскиот Устав. Научникот, кој во логиката ги откри автореферентните системи, а во модерно време повторно стана познат преку книгата „Гедел, Ешер, Бах", долги години важеше за ексцентрик околу кого се вртат многу непотврдени и фабрикувани анегдоти. За таква се сметаше и анегдотата со неговото американско државјанство.

Така беше сè до 2006-та година, кога беше пронајден изгубениот драфт од текстот што Моргенштерн во прво лице го напишал за своето искуство од 5 декември 1947, кога бил сведок на сослушување на Гедел за американско државјанство.

Моргенштерн во драфтот пишува дека не се сеќава точно на датумите. Истражувачите денес потврдуваат дека датумите кај Моргенштерн навистина се погрешни. Но, настанот, сепак, беше конечно потврден. Во што се состоела грешката што Гедел ја пронашол во американскиот Устав, до денес останува енигма.

Еве го и остатокот од тој 5 декември 1947, како што го запишал Моргенштерн:

„Потоа си заминавме, возев кон Принстон, а кога стигнавме до аголот на улицата Мерцер (на таа улица живеел Ајнштајн – моја заб.) го прашав дали сака да го возам во Институт или дома. Ајнштајн ми рече: „Носи ме дома, мојата работа ионака е веќе неважна". И цитираше некоја американска политичка песна. (За жал, не се сеќавам на зборовите, можеби ја имам во моите белешки и секако ќе ја препознаам доколку некој ми сугерира одредена фраза). Кога стигнавме пред куќата на Ајнштајн, тој се сврте уште еднаш накај Гедел и му рече:

„Е па Гедел, ова беше твојот претпоследен испит."

Веќе загрижен, Гедел го праша: „Боже, зарем ќе има уште?", а Ајнштајн одговори: „Последниот испит ќе биде кога ќе стапнеш во гроб".

Гедел: „Но, Ајнштајн, не се стапнува во гроб", на што Ајнштајн одговори: „Гедел, ова беше само шега" и така си замина.

Го однесов Гедел дома. Сите бевме среќни што оваа застрашувачка епизода заврши. Гедел беше повторно слободен да се занимава со проблемите на филозофијата и логиката."

4 февруари 2011 - 00:00