Влегов во холивудската машинерија во 1986 како необично, „гики“ 11-годишно еврејско дете - во основа само потенка верзија од личноста која сум денес. Тогаш немавме интернет, социјални медиуми или ријалити ТВ, но не ми требаше сето тоа за да разберам дека не изгледам и не се однесувам како другите девојчиња во мојата индустрија, и дека нуркам во бизнис кој ја цени физичката убавина и сексуална привлечност над сето останато.
Вака почнува текстот на Мајим Бјалик, ѕвездата на „Теоријата на Биг Бенг“ со докторат од невронаука, кој се појави по лавината обвинувања насочени кон Харви Вајнстин. Во него таа опишува како е да си феминистка во Холивуд, а да работиш во индустрија која „профитира од објектификацијата на жените“, при што нејзиното објаснување зошто не искусила самата такво малтретирање е дека „не ја истакнувала својата сексуалност и не се обидувала да има совршено тело“.
„Како горда феминистка со недостаток на желба да држам диети, да се подвргнам на пластични операции или да најмам личен тренер, скоро и да не ми се случило мажи да ме викаат на состаноци во нивните хотелски соби...Се облекувам скромно. Не флертувам со мажи како дел од моето вообичаено однесување“, напиша таа.
Дел од јавноста збесна по ваквото објаснување на она што им се случило на жртвите на Вајнстин, кои излегува дека самите си го барале, па дури и свесно ја користеле својата сексуалност за да напредуваат во кариерите. Меѓу возвратените навреди кон Малик имаше и такви дека таа не била малтретирана не затоа што имала некаква успешна стратегија на справување со можните „предатори“, туку затоа што е - грда. Истовремено, се јавија такви кои иако се облекувале во „неупадливи“ или „вреќасти“ облеки сепак не биле поштедени од сексуални напади.
Бјалик најпрвин преку твит изјави дека нејзините зборови биле „извадени од контекст“, но тоа не беше доволно - Њујорк Тајмс мораше да организира чет во живо во која таа би ги дообјаснила своите ставови (веројатно и малку би ги „испеглала“) и би се извинила на сите жртви.
Фокусирајќи се на овој аспект на нејзиниот текст за жал беше пренебрегнат еден друг, многу важен - како се гледа себеси актерка која не е убава според стандардите на индустријата. Со оглед на тоа дека таа во неа влегла како тинејџерка (во серијата „Блосом“), коментарите кои ги добивала извршиле огромно влијание врз нејзиното понатамошно самочувство (а можеби и врз одлуката да не прифаќа голем број улоги).
„Растев задевана во врска со мојот изглед, дури и од членови на моето семејство“, вели таа во спомнатиот текст во Њујорк Тајмс. Нејзиниот нос и брада биле главни теми за дискусија, а подоцна дошле на ред градите. „Постојано се чувствував како трол споредено со голем број мои современички. Едно списание по пилот-епизодата на Блосом ме опиша како девојче со лице во форма на штит и со нескладни црти. Никогаш не се опоравив од ваквиот опис“.
Нејзините искуства таа неодамна ги пренесе и во форма на книга, „Одевојчување: како да бидеш силна, умна и спектакуларна“. Можеби жртвите на сексуалните напади кои агресивно реагираа на нејзиниот текст покажаа обратна нечувствителност кон неа - дека и таа е на некој начин жртва на истите механизми, кои грдите ги „шкартира“ (или ги употребува само за споредни улоги), а убавите ги злоупотребува.
Претходно: И Бјорк вели дека била малтретирана од „дански режисер“