Како да победиш на шпанскиот Скребл без да знаеш збор шпански?

Веднаш да одговориме, за да не ве држиме во неизвесност. Тајната на тоа да станете шампион во оваа игра на зборови, на јазик кој не го познавате е - да го запомните целиот негов речник. Лесно, нели?

Повеќе од 150 натпреварувачи кои претставуваа 20 земји се собраа во хотел близу Гранада минатиот месец за да се натпреваруваат во Шпанскиот светски куп во играта Скребл. Десетина дена по поставувањето на плочките со букви и пресметувањето на бодовите, веста за победникот, Најџел Ричардс, ги возбуди Шпанците, поради фактот што тој воопшто не зборува шпански. 

„Неверојатно понижување“, гласеше реакцијата на еден водител на шпанските вести, додека друг го нарече „врв на апсурдност“.

Но за оние кои го следат подемот на Ричардс, Новозеланѓанец кој живее во Малезија, наречен „Тајгер Вудс на Скребл-от“, ова не беше изненадување. Тој не само што е шампион во Скребл на својот мајчин јазик, англискиот, туку има неверојатна способност на помнење на зборови чие значење не мора да го знае. 

Ова со шпанскиот всушност не е прв пат тој да предизвика контроверзи. Во 2015 се најде во медиумите кога победи на франкофонскиот шампионат без да знае француски. Наместо тоа, тој го меморирал целиот француски Скребл речник во тек на девет недели (за што претходно пишувавме тука). Во 2018 повторно победи на франкофонскиот турнир, што ја отфрли секоја „случајна“ претходна победа. 

По речиси три децении натпреварување во Скребл, Ричардс се смета за најдобар играч на сите времиња. Некои ова го припишуваат на неговата фотографска меморија и на способноста брзо да пресмета математички веројатности. Самиот Ричардс е познат по чувањето на својата приватност и недавањето интервјуа, па ваквиот став од него има направено легенда. „Да се игра против Најџел е како да играш против компјутер“, велат оние кои седнале на столчето спроти него. 

20 декември 2024 - 17:46