Веројатно ја знаете онаа игра Скребл, во која од одреден број букви треба да составувате зборови и да собирате поени. Сме чуле дека некаде низ градов постои самоделски комплет, сосе соодветни правила за играта и на македонски. До сега некако мислевме дека да си добар во неа треба добро да го познаваш јазикот на кој се игра. Ама...
„Тој воопшто не го знае јазикот, само ги научи зборовите" изјавила поранешна претседателка на Здружението за Скребл на Нов Зеланд и пријателка на Ричардс, кој победи во финалето на франкофонскиот Скребл во понеделникот. „Ниту знае што значат, ниту пак би можел да направи муабет на француски".
Тој всушност го меморирал целиот тн. Скребл речник (посебен список зборови кои се дозволени и се бодуваат во играта, какви што има за повеќе јазици), и за тоа му требале девет недели. Експертите, како Стефан Фатсис, кој има напишано книга за играта, вели дека во моментов тој е најдобриот играч на Скребл на сите времиња, „како Тајгер Вудс во зенитот, кога славниот голфер би рекол дека сака да почне да се занимава со тенис, а потоа следната година би победил на Вимблдон".
Ривалот во финалето организирано во Белгија на Ричардс му бил човек од Габон, чиј мајчин јазик е францускиот. Во текот на мечот Ричардс дури успеал да му одземе поени, со тоа што ја оспорил употребата на глаголот „fureter" (да „душкаш" по нечии приватни работи) од страна на неговиот сопарник, бидејќи тој не е содржан во офијалниот франкофонски скребл речник. Ова му донело стоечки овации од публиката, составена од познавачи на играта и луѓе, кои за разлика од него, зборуваат француски.
Претходно Ричардс ги има на неколку пати освојувано првенствата во Британија и САД. Неговата техника не е јазичка туку мнемоничка - тој ги памти комбинациите на букви како слики. Или барем така претпоставуваат неговите колеги и пријатели, бидејќи тој самиот ретко дава какви и да е изјави. Единствено на темата проговорила мајка му, изјавувајќи дека нејзиниот Најџел како мал не бил толку по буквите, туку повеќе по бројките. Но коментарите на неговите соиграчи по последната победа е повеќе во смисла - „Да не е овој вонземјанин?"