Сме правеле еден колач со тиква сто илјади пати. Ама секогаш - секогаш - правењето почнува со отварање на интернет „џебот“ (апликацијата Покет) во која ни е запишан рецептот. И со ветување дека следниот пат сигурно - сигурно - ќе го запамтиме.
И покрај купот популарни и сензационалистички наслови кои тврдат дека интернетот заглупува, до скоро немаше систематско проучување за начинот на кој тој ни ја менува когницијата, односно моќта да осознаваме нови нешта и истите да ги памтиме. Во мај оваа година излезе еден од ретките научни текстови кој се занимава со оваа тема, во списанието Светска психијатрија - официјално издание на Светската психијатриска асоцијација, под наслов „Онлајн мозок“. Заклучокот на долгиот список автори потпишани под студијата е - па и не знаеме точно.
Еден од авторите, Џон Торус, психијатар на Харвард, вели дека се уште е рано да се знае како интернет ни помага, дали и како нè оштетува и кога е неутрален. Но иако научниците си даваат уште време за да докажат дека интернетот ни ги прешалтува или ни ги затапува мозоците, сепак од чисто искуство е јасно дека некои од нашите ментални процеси и навики се повлијаени од секојдневното ц’цкање по линкови и постови.
Според коментатор на Форџ, нема причина за паника. Но сепак вреди да се потсетиме дека нашите ограничени но сепак восхитувачки мозоци постоеле и пред сјајната огромност на интернет. И дека тие и денес работат дури и кога не се на мрежа. Всушност, дека работат подобро кога не се. Но тоа да преживееш без мобилен можеби исто толку тешко му паѓа на мозокот колку и да му се предадеш и едноставно да го употребиш.
Процесите кои им се од интерес на когнитивните психолози кога размислуваат за тоа како интернет го менува нашиот начин на мислење се пред сè вниманието (можност за фокусирање и концентрација) и помнењето. Како шеќерот или кокаинот во други делови од мозокот, интернет е неприродно моќен стимуланс за внимание. Нуди неприкосновено количество информации речиси постојано, поставувајќи тон барања од систем кој е дизајниран да функционира во рамки на мали до средни социјални мрежи во природниот свет. Информациите историски спасиле голем број луѓе од отровни растенија, од тоа да смрзнат, генерално да спасат жива глава, па оттаму е совршено нормално што мозокот сака да исцица колку што е можно повеќе такви, потенцијално корисни податоци.
Она што го препорачуваат одделни автори, на пример Џени Одел, авторка на „Како да правиш ништо: давањето отпор на економијата на внимание“, е нешто што се нарекува „етички отпор“. Затворање на некои од табовите. Исклучување на нотификации. Неодговарање на мејлови веднаш. Престанок со напорот да се биде максимално продуктивен. Користење на апликација од типот „Фејсбук њуз фид ерадикејтор“ кој ги заменува вестите на фејсбук со филозофски цитат. Етичкиот отпор е всушност етика кон самиот себеси, а отпор кон сето она што може да оптовари, деконцентрира, „извалка“.
Од она што пак е корисно, најдено или прочитано на интернет, не е лошо да се прават прибелешки, или ментални вежби во кои се раскажува пронајденото на пријател. Ете така човек може да се бори против гуглификација на својата меморија. Додека научниците или технолошките компании не дојдат до други, помоќни решенија, тоа е најдоброто што можеме да го направиме.