Документарец од 2016, „Горчливите солзи на Џони Кеш“, ја раскажува приказната за контроверзниот албум кој Џони Кеш го објавил како негов придонес кон борбата за човекови права на домородното американско население. Филмот беше снимен по повод 50-годишнината од албумот, кога беше повторно снимен со учество на други познати музичари, меѓу кои Крис Кристоферсон.
Moтивот на Кеш за албумот, меѓу другото, било неговото верување дека дел од неговите предци биле Чироки (нешто за што подоцнал признал дека не е точно, но сепак останал активист). Песните ги критикуваат тешките и неправични начини на кои властите ги третираат овие луѓе. Мотото на Кеш било: „Ќе пеам за оваа земја сè додека сите Бојжи чеда не бидат слободни“.
Секако, тие се појавиле во клима која веќе била набиена со протестна енергија од 1960-тите. Периодот пред да излезе албумот бил дополнително усложнет од претседателските избори исполнети со опасна реторика. На пример, сенаторот Бери Голдвотер, кандидат на Републиканците, отворено зборувал за нуклеарна војна кога изјавил: „Ајде да фрлиме една [бомба] во машкото ВЦ во Кремлин“. Тој исто така се спротивставувал на граѓанските права, велејќи дека модернизацијата во оваа област е ризична.
Ова влијаело и врз одлуките на дискографските куќи, но и на радио станиците, кои се плашеле да не бидат етикетирани како неподобни. Иако Колумбија го испочитувала договорот со Кеш и испратила минимално количество плочи за продажба, тие сепак примениле „мека цензура“ бидејќи не го испромовирале албумот. Голем број радио станици просто одбиле да го пуштат.
Кога Кеш слушнал за сето ова, започнал со контра-акција: откупил илјадници примероци од плочата, напишал протестно писмо и објавил платен оглас во списанието „Билборд“. Ставил по еден примерок од писмото во секоја плоча и на рака ја доставувал низ радио станиците молејќи ги да ѝ дадат шанса. Првата реченица од него била: „Ди-џеи, менаџери на станици, сопственици - каде ви е храброста?“.
Ова немало некој голем ефект. Кеш бил крајно разочаран и до крајот на животот секогаш свирел неколку песни од албумот на концерти. Тоа за него станал континуиран протест. „Горчливи солзи“ ќе биде последен ваков негов концептуален албум, сепак запомнет по неговата одлучност да зборува за прашања кои и денес се значајни за американската политика.