Уелбек после неговата „Покорување“ од 2015 (Букбокс осврт тука), чие излегување мораше да биде одложено бидејќи се поклопи со терористичкиот напад врз Шарли Ебдо, изгледаше како да нема што повеќе да додаде на својата дистописка слика за светот во 21 век. Во 2017 објави книшка од 95 страници на француски под наслов „Во присуство на Шопенхауер“ во која ја опишува својата прва средба, на 25 години, со идеите на овој филозоф. И потоа - штама.
Но на француските сајтови сепак најдовме некаков податок со што се занимава тој во моментов. Во септември, ни помалку ни повеќе, туку се оженил, и тоа по трет пат, со Кианум Лусис Ли, дваесет години помлада Кинескиња од Шангај, за која не се знае ниту еден друг податок. За јануари 2019 најавува нов роман. А станал член на жири кое доделува книжевна награда наречена „30 милиони пријатели“, која се доделува годишно на француски роман или есеј кој се однесува на важноста на врската помеѓу луѓето и животните. Паричниот износ е 3000 евра со тоа што авторот треба да ја додели целата сума на здружение за заштита на животни по свој избор.
Причината зошто Уелбек се нафатил на една ваква задача е јасна - тој можеби е мизантроп, но ги сака животните. А особено неговиот велшки корги Клемент, кој од 2011 е во кучешкиот рај. Нему Уелбек му посвети цела просторија на изложбата „Да се преживее“ која ја постави во 2016 во Пале де Токио во Париз (погодувате, и за тоа сме пишувале, тука), а Клемент се најде и на насловната на каталогот. Името на нему посветената соба - „Апсолутна љубов“.
Кога Клемент умре од старост писателот го закопа на гробиштата за миленици во Аснер, каде својот љубимец го има погребано, меѓу другите, и композиторот Камиј Сен-Санс. На надгробниот камен му напишал: „На 25 март 2011 среде ноќ срцето престана да ти чука, а светот стана подосаден. Спиј, момче мое. Ти благодарам.“
Можеби помеѓу смртта на Клемент и свадбата има некоја врска. Сепак, мило ни е што на Уелбек му оди (дури и) кога на неговата земја не баш.