Во 1969 кога њујоршката полиција влезе во клубот Стоунвал и се соочи со неочекуван отпор од ЛГБТ заедницата, хомoсексуалноста сè уште беше криминализирана во повеќето земји. Дури и во потолерантните општества, „излегувањето од ормарот“ значеше социјално и професионално самоубиство. Денес премиерката на Србија е отворено геј, исто како и премиерот на Ирска, извршниот директор на Епл и бројни други политичари, бизнисмени, уметници и научници. Во САД просечниот републиканец денес има полиберални ставови за ЛГБТ прашања од просечниот демократ во 1969. Па сепак...
Како што пишува Јувал Ноа Харари во својот текст во Гардијан по повод пет децении од историските судири помеѓу полицијата и членови на ЛГБТ заедницата од 28 јуни 1969 на Менхетен, и денес 70 земји во светот се уште ја криминализираат хомосексуалноста. Саудиска Арабија, Иран, Брунеи и уште неколку предвидуваат и смртна казна за хомосексуалност. И во најлибералните земји се случуваат насилни хомофобични инциденти, а ризикот нивниот број да се зголемува, а не намалува, со подемот на радикалната десница е прилично реален. Ако некогаш главната „баба Рога“ - извор на сите зла - беа Евреите, сега тоа е некаква „геј конспирација“, која е закана за опстанокот на одделни нации, но и на самата западна цивилизација.
Според анкета од мај 2018, 63% од Русите се убедени дека организирана, глобална геј мрежа работи за да се срушат руските традиционални духовни вредности и оттаму да се ослабат позициите на државата. Но Источна Европа не е исклучок. Политичари од Бразил до Уганда шират приказни за „квир опасноста“, и ветувања за враќање кон замисленото златно доба кога границите биле јасни, идентитетите фиксирани, а луѓето имале малку простор за лични избори. Времиња во кои мажите биле мажи, жените жени, странците непријатели, и никој не морал да размислува за комплицирани нешта.
Но ако ЛГБТ заедницата уште позасилено стане мета на политички „лов на вештерки“, тоа нема да значи враќање на ерата пред Стоунвол, односно тивко зачекорување назад во „ормарот“, вели Харари, туку нешто многу полошо. Комбинацијата на информатичка технологија и биотехнологија ќе изроди нови алатки за надзор, а ќе се случи и понагласено користење на постоечки алгоритми за таргетирање на ранливи целни групи. Во август 2018, на пример, евангелски христијански групи кои нудат „терапии за преобратување“ на млади, искористија Фејсбук алгоритми за рекламирање на истото (иако Фејсбук наскоро ги избриша рекламите). Израелските безбедносни сили се исто така познати по различни методи, кои вклучуваат онлајн надзор, за идентификување на геј Палестинци, но не заради „преобратување“. Наместо тоа, со оглед на хомофобијата на палестинското општество и тоа што хомосексуалноста е се уште криминализирана, барем во Газа, овие Палестинци се уценувани да станат израелски информатори.
Но дури и никогаш да не сте поседувале профил на Гриндр, не сте гледале геј порно онлајн и никогаш не сте кликнале на ЛБГТ вести, во не така далечна иднина нема да можете слободно ни да го мрдате погледот врз мониторот - преку биометрички сигнали, како движење на очите или крвен притисок, ТВ мрежите можат да знаат дека (на пример) 63% од гледачите се поврзуваат со некој спореден лик во серија, и дека оттаму е добра идеја да ја нагласат неговата улога. Но истиот сензор може да регистрира дека маж кој ја гледа сцената со бакнувањето во „Игра на тронови“, помеѓу Џoн Сону и Даенерис Таргариен повеќе го фокусира погледот на мачо херојот отолку на Мајката на змејови. И тогаш оној кој ќе чукне на врата нема да биде ТВ продуцентот, туку родовата полиција. И не е само до телевизијата, мобилните, интернетот. Камери се поставуваат на секој агол, надзорот се зголемува во училиштата и на работните места, а сето ова се оправдува со обиди за борба против тероризам, криминал и девијантни однесувања.
Накратко, дистописките сценарија на 21 век не се однесуваат само на ЛГБТ правата. Она што може да се направи за тие да се спречат или да се намали нивниот опсег е истото она што помогнало во 1969 - солидарност и соработка. 50 луѓе кои работат како дел од организација можат да сторат повеќе од 500 поединци кои имаат некоја мака. Технологијата денес го претставува најголемиот предизвик во нашата досегашна историја. Но таа е само алатка, која во погрешни раце може да удри по оние кои заради нешто - својата верска, сексуална, етничка, родова, возрасна и друга припадност - не се вклопуваат во плановите на оние кои ја контролираат големата слика.