Вистинското име и е Лена Махфуф, има алжирско поткело, а под онлајн прекарот Лена Ситуасионс стана позната откако почна да постира совети за мода и позитивен животен стил. Во моментов има скоро 1,8 милиони следбеници на Јутјуб и уште 2,9 на Инстаграм. Минатата есен нејзината книга „Секогаш повеќе, +=+“ (Toujours plus, + = +) беше на врвот на бестселер листите цели шест недели, а од таму успеа да ја тргне само Барак Обама, кога излезе првиот том од неговите мемоари.
Книгата е некој вид прирачник за самопомош, во кој Лена раскажува за нејзините психолошки проблеми во младоста и дава совети, особено на младите, како да кажат НЕ на депресијата и на „негативната спирала“.
Но француската книжевна „елита“ не остана без коментар. „147 страници празнина, 19.50 фрлени евра“, напиша Фредерик Бегбеде. „Помеѓу битието и ништожноста, Лена клони кон втората опција“, додаде тој, алудирајќи на филозофското дело на Жан-Пол Сартр. Младата авторка според него е „една од бројните жртви на Марк Закерберг“.
Со ова започна вербална војна помеѓу него и фановите на Лена но и активисти кои во коментарите на Бегбеде прочитаа расизам и сексизам. Самата авторка му одговори со коментар на твитер - „Да не му должам пари случајно?“
Етаблираните француски писатели како Бегбеде се познати како „чувари на портите“ на книжевноста со дисквалификација на стратегијата која ја користат ѕвездите на социјалните мрежи. Но вистината е дека тие можеби се чувствуваат загрозено, а со оглед на продадените книги (280.000 копии до сега) и завидливо во однос на успехот на конкретната дебитантка. За споредба, добитниците на Гонкуровата награда, најпрестижното книжевно признание во Франција, продаваат околу 350.000 примероци, и тоа откако ќе ја добијат наградата.
И не само тоа - Махфуф сега е одбрана од Диор за да ги промовира нивните произоди онлајн, а и други модни куќи ја затрупуваат со чанти и облека. Сепак, во очите на нејзините обожаватели таа е приземна и достапна и не го заборава своето потекло, од алжирско семејство кое избегало од земјата поради граѓанската војна. Нејзините видеа освен модни знаат да бидат и активистички, а ги снима и ги монтира самата.