Пред неколку недели тука во Скопје некои луѓе тепаа други луѓе. Ние тоа го гледавме на телевизија. Беше ноќ, кога на човека низ глава му минуваат разни лоши мисли, па мислевме дека можеби нема да можеме да дојдеме. Мислевме дека можеби нема да може да патуваме за Скопје, дека ќе бидат затворени аеродромите, ќе бидат затворени границите, затоа што некои луѓе тука тепаа други луѓе.
Мојот страв не беше без основа. Имам искуство со тие работи. Уште од онаа пролет, пред точно дваесет и пет години, кога по настаните пред Собранието на Босна и Херцеговина почна опсадата на Сараево и една страшна војна.
Навистина, тогаш никој никого не тепаше, но сцените беа многу слични. А слични беа и причините. Еден ден се затвори аеродромот, автобусите веќе не поаѓаа од автобуската станица, со мини се запалени возовите на сараевската железничка станица.
Се уплашивме таа вечер дека сето тоа би можело да се повтори.
За среќа, тоа не се случи.
И тоа е причина за славење.
Постои и втора причина. Се наоѓам меѓу луѓе кои читаат. Тие ќе го спасат светот.
Светот ќе го спаси секој Македонец кој, сеедно на кој јазик, ќе ги чита генијалните романи на Исмаил Кадаре. Ќе го спаси секој Албанец кој го има читано Влада Урошевиќ, и кој токму како Албанец би бил посиромашен, понепотполн, понецеловит, да не го читал Влада Урошевиќ.
Тоа е, што се однесува до мене, таа двојазичност. Тоа е тој Устав и закон. Тоа е таа тиранска, скопска, тетовска, кумановска и струшка платформа. Тоа е она што сме и што единствено и можеме да бидеме. Ние коишто читаме.
Сето останато е илузија. Крвава, но вечна илузија, дека нашите луѓе ќе ги претепаат и ќе ги навјасаат нивните луѓе. Дека ќе бидеме посилни на тупаници.
А потоа и дека ќе имаме подобри пушки, топови и тенкови.
И дека на наша страна имаме посилни и помоќни сојузници: Американци, Руси, Турци.
Со таква крвава илузија почнуваат војни. Кои се завршуваат кога и последниот патриотски идеалист ќе сфати дека тоа било само илузија. И дека сите така започнати војни завршуваат без победници. И дека со секоја на таков начин загубена војна се губи и по неколку нови, се уште незапочнати војни, кои ќе почнат во име на крвавата илузија на историјата, за да ги одмаздиме сите наши невини жртви. И секоја од тие незапочнати војни ќе биде загубена.
Овој свет нема да го спасат воени херои. Нема да го спасат големи генерали.
Ќе го спаси Македонец кој ја чита „Генералот на мртвата војска“ на Исмаил Кадаре.
Ќе го спаси Албанец кој ја чита „Мојата роднина Емилија“ на Влада Урошевиќ.
Не е ова поетска фигура. Разбирањето на другиот не може да биде поетска фигура, иако од разбирањето на другиот може да се создаде голема поезија. Ова е студена реалност. И единствен наш спас.
Светот ќе биде спасен кога Исмаил Кадаре ќе стане македонски писател.
Светот ќе биде спасен кога Влада Урошевиќ ќе стане албански писател.
Миљенко Јерговиќ, 30.05.2017
Даут Пашин Амам